| Вести денес: 0

Отворени за средби, а нејќат ни да се видат

Најава за нова средба меѓу власта и опозицијата засега нема. Разрешувањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор и обвинета во „Рекет“, мора да се случи до 15 септември, а тоа се врзува и со носењето на нов закон за јавно обвинителство.

762

Отворени за нови разговори, но без најави за повлекување од веќе утврдените ставови за новото јавно обвинителство во кое треба да биде инкорпорирано Специјалното јавно обвинителство, беа вчера премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по седумчасовната неуспешна средба во вторникот. Двајцата на одвоени прес-конференции меѓусебно се обвинуваа за заштита на криминал и амнестијата, изнесувајќи ги своите видувања и позиции. Најава за нова средба засега нема.

Разрешувањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор и обвинета во „Рекет“, мора да се случи до 15 септември, а тоа се врзува и со носењето на нов закон за јавно обвинителство.

СЈО вчера претпладне го доби дописот, што до нив го испрати државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за префрлање на предметите. Како што потврдија за МИА од Специјалното обвинителство дописот пристигнал на нивна адреса, а тие денеска ќе излезат со соопштение за натамошните чекори.
Јовески рече дека Обвинителството е подготвено и има капацитет да постапува по сите кривично правни предмети од СЈО и оти се надева дека процесот ќе тече брзо.

– Разочаран сум од исходот на лидерската средба и од однесувањето на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Имав некоја надеж дека е можно да ја сменат матрицата и да излезат од заложништвото на своите претходници. Но, за жал, тоа не се случи. Колку и да бидеме ние попусливи и копромисни во преговорите, на крајот, секојпат, постојано, кај Мицкоски сѐ се сведува на едно барање – амнестија или уништување, запирање и крај на случаите од претходниот режим. Се обидовме сѐ, да излеземе во пресрет на секое разумно барање или услови кои беа поставени, се потрудивме да гледаме низ очите на опозицијата, но се соочивме со невозможно барање – предметите на СЈО да дојдат под нивна контрола, на ВМРО-ДПМНЕ, со закон да се запечати судбината и да запрат сите предистраги и истраги, криминалот да го заташкаме. Тоа не смееме да го дозволиме, таа црвена линија не смееме да ја поминеме – рече вчера Заев, додавајќи дека правда и правна држава мора да има и ќе има, нема компромис околу овие прашања.

Тој нагласи дека предметите од СЈО ќе продолжат да се процесуираат, но во суд, надвор од какво било политичко влијание, далеку од рацете на политичарите.

– Сѐ додека постојат шанси, треба да се остават отворени вратите за разговори. Во оваа прилика сакам и да апелирам, во пресрет на одлуката за добивање датум за преговори, опозицијата да увиди колку е важно да покажеме дека можеме да ги ставиме државните интереси над партиските. За кој било друг исход, освен добивање датум за преговори по сите напори, јасно е дека единствени виновници ќе бидат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-ДПМНЕ како партија. Таа одговорност ќе мора да ја прифатат – подвлече премиерот.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски вчера го обвини премиерот Заев дека на средбата дошол со план за да не се постигне договор и за да ги заштити своите и криминалите на неговите соработници, но остави простор за продолжување на преговорите за законот за јавно обвинителство, на којашто точка и завршила неуспешно средбата.

Барањето на Заев, како што рече, за амнестија за сите довело до тоа вчера да не успеат преговорите затоа што не прифатил новото обвинителство што го предлага власта да се занимава со корупција со сите предмети без оглед на времето на предметот и извршителот.

– Но јас го знам мотивот и причината зошто е тоа така, затоа што постои основано сомневање за „Рекет 2“, за „Рекет 3“, за „Рекет 4“, за „Рекет 5“, но и за други кривични дела кои што оваа власт веќе трета година и ги прави и затоа им е потребна Русковска, за да направи аменстија и да го заштити Заев и СДСМ од одговорност за сторениот криминал. На кратко ова беше сценариото на вчерашната средба – рече Мицкоски.

Вицепремиерот Бујар Османи, кој истовремено е висок функционер на ДУИ, изјави дека разликите околу законот за Јавно обвинителство не се непремостливи, а дека моментот е неповторлив.

Од партијата Беса потенцираа дека апсолутно е неприфатливо две страни вклучени директно или индиректно во судски постапки или се во истрага од специјалното или јавното обвинителство да преговараат за иднината на ваквите важни институции во државата.

Алијансата за Албанците исто така реагираше што како партија не била поканета да присуствува на лидерската средба на премиерот Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.

– За Алијанса за Албанците нема да биде прифатлив никаков договор во иднина што ќе се донесе само меѓу еден блок политички партии. Концептот четири поголеми политички партии, две од македонските политички партии и две од албанските политички партии треба да продолжи – рече Села.

Во Скопје престојува правниот експерт од Европската комисија Рајнхард Прибе кој говорејќи на меѓународната научна конференција „Доброто владеење и владеењето на правото од перспектива на ЕУ интеграциите“ истакна дека понекогаш се потребни промени во законодавството, а за тоа треба независни политичари кои ќе направат соодветни реформи.

– На таков начин правниот систем ќе може да воспостави независност. Без демократско управување, не може да постои ниту владеењето на правото – рече Прибе.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...