Романскиот министер за надворешни работи, Теодор Мелескану смета дека ЕУ треба да ја докаже својата посветеност кон Македонија и Албанија со дела и да почне преговори за членство со двете земји, јави дописничката на МИА во Брисел.
Мелескану ги презентираше приоритетите на романското претседателство со ЕУ за следните шест месеци пред членовите на Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент. Надворешната политика, проширувањето кон Западниот Балкан и односите со источните соседи се на врвот на списокот за Букурешт.
Во тој контекст, Мелескану потсети дека по ланското отворање на перспектива за датум за преговори со Македонија и Албанија, ЕУ сега треба на дело да ги покаже своите заложби кон овие земји и да ги започне преговорите со овие две земји. Тој изрази надеж дека ќе бидат вложени потребните напори за да се реализира оваа цел.
– Се наоѓаме во пресвртница на процесот на проширување кон Западниот Балкан – рече министерот потсетувајќи на ланската стратегија на Европската Комисија за проширувањето и на јунскиот Совет за општи работи кој додели условени датуми за преговори со Македонија и Албанија.
Се надеваме дека нашата поддршка заедно со одговорноста на нашите партнери во процесот и опипливи резултати во реформите ќе создадат позитивна атмосфера за отворање на преговорите со ПЈРМ и Албанија, рече Мелескану.
Според дипломатски извори во ЕУ, Романија има намера да вложи посебни напори за да ги убеди земјите кои најтврдо за противат на отворањето преговори со Скопје и Тирана, како Франција и Холандија.
Мелескану додаде дека романското претседателство ќе продолжи да ги поддржува преговарачките процеси со Србија и Црна Гора и побара „посебно внимание“ од ЕУ за Босна и Херцеговина.
Романија сака да го стави фокусот на регионалната соработка на Западниот Балкан, и да се посвети на младите во регионот, рече министерот.
Турција, изјави Мелескану, останува стратешки партнер за ЕУ и комуникациските канали со оваа земја треба да останат отворени. Тој не спомена замрзнување или блокирање на преговорите со Анкара и потсети дека таа останува земја кандидат за членство во Унијата.