Осум нови пациенти со симптоми на мали сипаници во изминатото деноноќие

206

Последните 24 часа на Клиниката за инфективни болести се третирани осум нови пациенти со симптоми на морбили. Од нив, двајца се хоспитализирани, а останатите  шест се пуштени на домашно лекување.

Директорката на Клиниката за инфективни болести Милена Стефановиќ денеска на прес-конференција информира дека на Клиниката има вкупно 20 пациенти заболени од морбили со потешка клиничка слика. Само едно дете е со потешка клиничка слика но, според последните информации, неговата состојба е стабилизирана.

Од вчера има и два нови случаи на заболени деца на Клиниката за детски болести. Нивната состојба е стабилна и само кај едното има акутни симптоми на морбили.

– Тоа се деца од хематоокнолошкиот оддел кои се заболени во тек на примање на терапија. Ова се деца кои престојуваат на Оддделот за хематоонкологија и кои за викенди одат во дневна болница и доаѓаат – информира д-р Катерина Ставриќ, директорка на Клиниката за детски болести.

На Клиниката за детски болести од почетокот на епидемијата се регистрирани вкупно осум случаи на вработени заболени од морбили, главно доктори и персонал кој работи во општата амбуланта. Меѓу нив, лицата кои се родени по 1982 година имаат примено две дози вакцина, но има и постар персонал кој има примено само една доза од вакцината.

Лекарите истакнуваат дека ситуацијата будно се следи и се држи под контрола. Предупредуваат дека се работи за тешка и непредвидлива болест поради што апелираат на вакцинација.

– Апелираме сите граѓани кои не се сигурни во својот вакцинален статус и родители кои имаат невакцинирани деца, да се вакцинираат во најбрз можен рок – рече докторка Стефановиќ.

Поради зголемниот број пациенти заболени од морбили, во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит Пазар“ и „Ѓорче Петров“ се воведени дежурства од 19:30 до 07:30 часот, а за викендите ќе работат 24 часа.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...