Пратениците од независната пратеничка група на ВМРО – ДПМНЕ најверојатно ќе го поддржат Предлог законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси кој по скратена постапка и со европско знаменце денеска е на дневен ред на собраниската седница.
Одлуката на Владата, донесена на вчерашната седница, антикорупцискиот предлог-закон да оди по скратена постапка и со европско знаменце, е со цел законот да се донесе што е можно побргу за да се зајакне ефикасноста, но и независноста на Државната комисија за спречување на корупцијата и тоа во пресрет на претседатеските избори во април.
Откако ВМРО – ДПМНЕ обзнани дека нема да го поддржи Законот за корупција во форма како што сака да го протурка власта, како што порача опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, остана неизвесно дали ќе се обезбеди двотретинско мнозинство, кое е потребно за донесувањето на овој законот во кој освен усогласување со правото на ЕУ во областа на правосудството и фундаменталните права, вметнати се и препораките на ГРЕКО, на експертските извешати и на извештаите на Европската комисија за напредокот на земјата од 2015 и 2016 година.
Во овој контекст пратеничката Емилија Александрова, од независната пратеничка група на ВМРО – ДПМНЕ, во изјава за Плусинфо вели дека во интерес на реформскиот процес, откако беа изгласани уставните измени, е да се поддржи предложениот законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси во пресрет на отворањето на јунските преговори со ЕУ. Но, дали нивната група ќе интервенира со амандмани за да се подобри текстот на предложениот закон одлучуваат денеска.
– Предлог закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси е од исклучително значење и треба да ја добие поддршката од пратениците. Станува збор за закон кој е дел од реформскиот процес, а кој државата треба успешно да го заокружи во пресрет на преговорите со ЕУ во јуни – вели Александрова.
Антикорупциската комисија, според предложениот текст, ќе има седум членови од кои еден претседател. Никој од нив во последните десет години не треба да бил пратеник или член на влада, да не бил донатор на политичка партија или да не вршел функција во органи на политичка партија.
Штом ќе се распише оглас за членови на Комисијата, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата ќе треба да формира Комисија за селекција. Оваа Комисија за селекција ќе спроведува интервју со кандидатите што е задолжително и ќе се пренесува на Собранискиот канал. Пред интервјуата, ова тело ќе треба да провери дали кандидатите ги исполнуваат критериумите, а по интервјуата на Собранието ќе треба да им ги предложи најдобро рангираните.
Комисијата за селекција ќе ја сочинуваат седум члена: по двајца од власта и опозицијата; по еден претставник од Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа Демократија и владеење на правото и од Советот за соработка за областа Медиуми и информатичко општество и претставник на Народниот правобранител. На интервјуто прашања ќе може да постават и пријавени претставници од МАНУ, Интеруниверзитетската конференција и новинарските здруженија.
Новата антикорупциската комисијата ќе ја следи законитоста на финансирањето на политичките партии и финансирањето на изборните кампањи, а иницијативи за испитување, ќе може да поднесат и физички лица.
Државната комисија во текот на своите истраги ќе има право да побара и податоци од банки и други финансиски институции, како и податоци од УЈП, Единствениот регистар на трансакциски сметки, Катастар, Агенција за вработување итн.