Македонскиот народ победи. Пратениците го слушнаа гласот на народот. Но, како и досега, не може кај нас работата да се сврши едноставно просто туку мора да биде сложено. Не може да бидеш Македонец ако пред тебе е друг, а ти си зад него. Така било од секогаш и тоа никако не може да се искорени. Така е и овој пат. Народот даде „изим“ Македонија да го прифати Преспанскиот договор и да оди кон НАТО и ЕУ. Но, „некои“ тоа никако не можат да го „проголтаат“. „Патриотите“, оние осумина пратеници, со чии глас се отворија вратите на Македонија, големите од Партијата, без око да им трепне, не само што ги исклучија од ВМРО-ДПМНЕ, туку ги прогласија и за „предавници“. Зошто? Зошто Мицкоски и оние околу него, „осуммината“, ги прогласија за „предавници“? Дали заради тоа што не сакаа да мислат како нив или поради тоа што го послушаа гласот на народот!? Или „се почувствуваа“ поразени поради тоа што Заев, на овој или оној начин, ги „придоби“ за да гласаат за иднината на Македонија?
Народецов македонски отворено прашува: Ако овие пратеници се „предавници“ тогаш во која категорија господинот Мицкоски ќе ги стави оние негови пратеници, кои имаат бугарски пасоши? Дали тие се „херои“ што не сакаа да гласаат за иднината на Македонија, на која раката за спас и подадоа најголемите, најбогатите и најсилните од Европа и Светот, а „предавници“ оние што сакаат Македонија да има сигурно небо, отворени граници и младите да не одат со туѓи пасоши по подобар живот?
Ако Заев преку притисок ги „добил“ гласовите, не е во ред. Тоа никои и не го оправдува. Но, тие отворено кажаа дека сакаат поинаку да мислат од она што им го наредува нивната Партија. Не сакале да учествуваат во уценувањето и барањето на амандмани за спас на „вождот“ и оние околу него, кои се огрешиле и кои украле милиони евра народни пари. Отворено го дадоа својот глас и за поголем број Македонци се херои. Тогаш дали тие се „предавници“ или пак оние кои во џебот имаат и македонски и бугарски пасош!? Дали Мицковски и сите членови на ВМРО-ДПМНЕ за „непријатели“ ги сметаат осуммината пратеници или пак оние што се државјани на друга држава, а седат во македонскиот парламент. Такви има и во редовите на СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ. И не се од вчера!
Но, што да се прави. Инатот никако да го искорениме. Оној вродениот инат и понатаму е присутен кај Македонецот! Тој инат децении наназад нѐ држи „заробени“, скарани со сите и поделени. До кога? Сега, кога сите не викаат да влеземе во големото семејство, време е Македонците, едни со други, да си подадат рака. Доеста е едни да бидат „патриоти“, а други „предавници“. Дојде денот за простување!