Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ И Коалицијата „За подобра Македонија“ побара да биде дел од разговорите за најавените промени на Изборниот законик, бара застапеност во преговорите за истиот.
„Ќе бидеме конструктивни партнери во преговорите и ќе ја застапуваме нашата заложба за поголема демократија во начинот на избор на пратеници што ќе допринесе за разноликост, инвентивност и можност за презентација на различни ставови. Концептот за отворени листи е добра почетна основа за која треба дополнително да се разговара“, велат независните и апелираат да бидат вклучени во преговорите.
Тие најавуваат четири точки за кои ќе се залагаат. Истите ги пренесувме интегрално:
- Намалување на бројот на пратеници со што ќе добиеме поголема ефикасност и ќе намалиме средства кои може да се насочат во подобрување на животот за нашите граѓани;
- Ќе бараме конечно да има застапеност и на лица со посебни потреби на листите;
- Ја поддржуваме идејата за рамноправна застапеност на жените и мажите;
- Охрабруваме да се најде решение со кое ќе се гарантира застапеноста на помалите етнички заедници.