Осумдесет и два обвинители од јавните обвинителства низ земјава ја тужат државата пред домашните судови за неисплатени додатоци во вкупен износ од 23,5 милиони денари, или приближно 400 илјади евра, без камати и судски трошоци, дознава „Макфакс“.
Информацијата ја потврдија од Министерството за правда. Според информациите, за неисплатени додатоци на плата, тужеле обвинители од Скопје, Велес, Гостивар и од други градови.
Јавните обвинители и судиите од 2015 година треба да добиваат повисоки плати за прекувремена работа и за работа на празници од 35 до 50 отсто.
Министерката за правда, Рената Дескоска, за „Макфакс“ изјави дека тужбите се почнати пред нејзиното стапување на функција и дека за ова прашање разговарала со државниот јавен обвинител и со министерот за финансии.
– Запозната сум веднаш штом стапив на функцијата. Разговарав со државниот обвинител и со министерот за финансии за изнаоѓање средства за решавање на проблемот вон судска постапка. Во делот на предвидени средства и начин на располагање, укажуваме дека јавното обвинителство има посебен буџет со кој самостојно располага – вели Дескоска.
Од Министерството за правда тврдат дека делумно се обезбедени средства во буџетот за таквата намена, но од таа ставка треба да им се исплатат и надоместоци на јавнообвинителските службеници и другите обврски кон физичките и правните лица и други акти на Јавното обвинителство.
Судскиот буџетски совет донесе одлука за ретроактивна исплата на додатоците за плата за месеците септември и октомври 2018 година за судиите и членовите на Судскиот совет. Здружението на судии ги охрабри судиите да ја тужат државата за несиплатените додатоци до 35% за изминатите години.