Осудените за „Диво Насеље“ повторно влегуваат во судница

Во крвавите настани во Куманово, во престрелка помеѓу оваа група и припадници на македонските безбедносни сили беа убиени осум припадници на МВР, а повеќе од 30 беа ранети. Беа убиени и 10 припадници на вооружената група.

664
Photo: EPA/GEORGI LICOVSKI

Првостепено осудените 33 лица за крвавата престрелка во кумановското Диво Насеље на 9 и 10 мај 2015 година, денеска повторно треба да влезат во судница. Овојпат, на седница на второстепениот суд, Апелација, каде тие ги обжалија пресудите на Основниот суд Скопје 1.

Поради обемноста на предметот, термин за седницата за разгледување на жалбите, Апелација има закажано и за утре.

Судскиот процес пред првостепениот суд започна на 9 февруари 2016 година, а пресудата Кривичен ја изрече на 2 ноември 2017. Седумина од обвинетите добија доживотен затвор, 13 беа осудени на по 40 години, шестмина на 20 година, еден на 18, двајца добија по 14, други двајца по 13, а уште двајца беа осудени на по 12 години. Четворица добија ослободителни пресуди.

Обвинителството тогаш бараше доживотен затвор за сите.

Прв осомничен во случајот е Сами Укшини, познат како командант Соколи, кој е еден од 13-те кои добија по 40 години.

Пред неколку дена, на точно четири години од крвавите настани во Куманово, стотина лица бараа правда за осудени на протест пред судот на кој носеа транспаренти со УЧК и со барања за неселективна правда, како и со карти на Голема Албанија.

Во крвавите настани во Куманово, во престрелка помеѓу оваа група и припадници на македонските безбедносни сили беа убиени осум припадници на МВР, а повеќе од 30 беа ранети.

Беа убиени и 10 припадници на вооружената група.

За овој случај актуелната власт најавуваше и можност за меѓународна истрага, но до сега нема ништо конкретно за тоа. Последна на оваа тема од редовите на власта пред неколку дена зборуваше министерката за правда, Рената Дескоска, која одговарајќи на новинарски прашања рече дека нема никакви информации.

Пред околу две години, пак, премиерот Зоран Заев кажа дека за случајот е информирана меѓународната заедница и оти се бараат начини за спроведување на меѓународна истрага за неразјаснетите околности. Но, по една година изјавите одеа во насока дека тоа ќе мора да почека за пресудата да стане правосилна (правосилна станува кога Апелацискиот суд ќе донесе одлука за жалбите) и да се исцрпат сите средствата за жалби пред повисоките судови за да може да има меѓународна експертиза.

За случајот „Диво Насеље“ имаше и очекувања дека ќе се слушне и во прислушуваните разговори, но пред една недела шефицата на СЈО, Катица Јанева, изјави дека досега не пронашле „бомби“ за овој предмет.

– Има индиции во делот на тоа што и како се случувале кумановските настани, но сепак СЈО нема најдено разговори за да може да воспостави надлежност врз тој предмет. Се работи предистрага, но ќе биде многу тешко да се каже дали воопшто ќе се преземе тој предмети – рече Јанева.

Photo: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...