Главниот хрватски јавен обвинител Дражен Јелиниќ испрати барање од хрватската Влада да биде разрешен од функцијата, бидејќи бил дел од масонска ложа.
Како што јави дописникот на МИА, барањето за смена обвинителот го даде по разговорот што го имаше со министерот за правда Дражен Бошњаковиќ и по повикот од премиерот Пленковиќ, да се повлече, бидејќи во спротивно ќе биде разрешен.
Јелиниќ за медиумите во Хрватска кажа дека од првиот ден на преземањето, функцијата ја извршувал со гордост, посветено и професионално, а во својата работа се раководел само од Уставот и законите на државата.
Инаку, државниот јавен обвинител Јелениќ во вторникот јавно кажа дека е масон. Тој тврдеше дека докторот Никица Габриќ, кој исто така бил масон, се обидел да влијае врз текот на истрагата против тројца новинари, кои наводно го уценувале, барајќи од него 200.000 куни, доколку не сака да бидат објавени фотографии од церемонија на масонската ложа нa која тој припаѓал.
Под сомнение дека извршиле обид за изнудување, во петокот полицијата во Загреб уапси тројца новинари.