Оспорен изборот на Чадиковски за претседател на ЗНМ: Го добил ли Младен потребното мнозинство?

5070

Претставникот на Верификационата комисија на Изборното собрание на Здружението на новинарите на Македонија, Горан Трпеноски, новинар во порталот СДК.мк, по изборот на Младен Чадиковски за нов претседател на ЗНМ, на својот профил на Фејсбук објави дека изборот на Чадиковски е нелегитимен.

Трпеноски вели дека присутни на Собранието на ЗНМ биле 175 од 555 членови. Чадиковски добил 86 гласови, а противкандидатот Столе Наумов – 77.  За да биде избран претседателот на ЗНМ, треба да добие мнозинство од присутните. Трпеноски вели дека на Чадиковски му биле потребни 88 гласа да победи во првиот круг, а не 86, колку што добил.

Новоизбраниот претседател на ЗНМ, Младен Чадиковски, за Плусинфо кусо изјави:

– Верувајте, не ми се познати бројките. Јас бев сепак само кандидат, а не и член на Верификационата комисија. Немам коментар!

И противкандидатот Столе Наумов ни даде воздржана изјава:

– Трпеноски беше член на Верификационата комисија. Тој знае најдобро. Прашајте го и досегашниот претседател Насер Селмани. Сѐ што имав да кажам јас, кажав во мојот говор.

Во изјава за Плусинфо, досегашниот претседател на ЗНМ, Насер Селмани, не спори дека на почетокот на Собранието, Верификационата комисија констатирала присуство на 175 членови, но тврди дека гласале само 169, па затоа Чадиковски го има потребното мнозинство.

– Бараат влакно во јајцето. Бедно! – категоричен е Селмани.

Статутот на ЗНМ, во членот 34 став 2, децидно кажува: „Претседателот на ЗНМ се избира со мнозинство гласови од присутните на Изборното собрание“. Според Правилникот за работа на Собранието на ЗНМ, „доколку ниту еден кандидат не го добил потребното мнозинство, се организира втор круг на гласање, во кој се гласа за двајцата кандидати со најголем број гласови од првиот круг и за избран се смета оној што ќе освои најголем број гласови во вториот круг“.

Се чини дека исходот сепак фрла сенка врз изборот на Младен Чадиковски за претседател на ЗНМ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...