Осомничените за кои СЈО бара притвор сѐ уште на распит во Кривичен

1568

Во Основниот суд Скопје 1 Скопје се уште е во тек распитот на тројцата осомничени кои денеска беа приведени пред судија на претходна постапка за новотворениот предмет со кодно име „Поштенска банка“ на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Станува збор за Коле Смилевски директор на банката, и бизнисмените Томе Главчев и Ратко Димитровски, за кои СЈО бара притвор, а кои се товарат за прибавување имотна корист од 5 милиони евра за кривични дела сторени од 2001-вата до 2010 година.

Со истрагата за сторени кривични дела – Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273, покрај тројцата наведени, опфатени се и Викица Поповски, Георги Каратолис, Кирил Јаневски, Зоранчо Митровски, Ристо Милев и Златко Ѓорчев.

– Во почеток на 2001 година Љубчо Георгиевски, како претседател на Владата на Република Македонија, Марјан Ѓорчев како вицепремиер и Никола Груевски како министер за финансии, со цел да го контролираат фактичкото функционирање на „Поштенска банка“, организирале во основањето на Банката, покрај „Македонска пошта“, која била во државна сопственост, да учествуваат и правните лица кои тие ги избрале – „Ноел Експорт импорт“ Гевгелија и печатница „Европа 92“ Кочани, појаснуваат од СЈО.

Според СЈО, на сопствениците на овие правни лица, на Томе Главчев и Ратко Димитровски им било кажано дека во основањето на Банката нема да учествуваат со сопствени средства, туку со пари кои ќе ги обезбедат од кредити. Планот бил основањето на „Поштенска банка“ да не биде со средства на осомничените, туку со средства од други извори, што е спротивно на Законот за банки.

– Согласно добиените насоки од наведените владини функционери, осомничените Томе Главчев, сопственик на „Ноел Експорт импорт“ Гевгелија и Ратко Димитровски, сопственик на „Европа 92“ Кочани, со кредити подигнати од три банки, ги уплатиле основачките влогови во „Поштенска банка“, по што осомничениот Коле Смилевски, како генерален директор на „Поштенска банка“ АД Скопје, овозоможил кредитирање на правните лица „Ноел Експорт импорт“ Гевгелија и „Европа 92“ Кочани и правни лица поврзани со нив. Сите средства добиени од кредити од „Поштенска банка“ се слеале на сметките на овие две правни лица и се искористени за враќање на првобитните кредити, наведуваат од СЈО:

Со тоа извршено било индиректно кредитирање на основачките влогови со средства од банката која се основа, што, според СЈО, е спротивно на Законот за банки и преставува кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување.

Воедно, посочуваат во сооопштението, осомничените Томе Главчев и Ратко Димитровски, искористувајќи ја нивната позиција во „Поштенска банка“, издејствувале осомничениот Коле Смилевски да овозможи одобрување на повеќе кредити на правните лица „Ноел“ и печатница „Европа 92“, како и на друштвата кои што биле директно поврзани со нив.

– Овие вториве, добиените кредитни средства веднаш ги префрлале на сметките на „Ноел“ и „Европа 92“, кои ги користеле за сопствени потреби. За сите овие одобрени кредити заедничко е дека било договорено воопшто да не се враќаат на Банката, со што била прибавена корист за „Ноел“ и „Европа 92“, а Томе Главчев, Ратко Димитровски и Коле Смилевски сториле Злоупотреба на службената положба и овластување, истакнуваат од СЈО.

Во соопштението стои дека во насока на прикривање на фактот дека паричните средства кои потекнуваат од незаконски добиените кредити, како и фактот дека акциите во „Поштенска банка“ ги стекнале на незаконски начин, осомничените Томе Главчев и Ратко Димитровски во временскиот период од 2005 година до 2010 година презеле дејствија на перење пари и други приноси од казниво дело.

– Осомничените Томе Главчев и Ратко Димитровски преку нивните друштва-„Ноел“ и „Европа 92“ подигнале кредити од „Еуростандард банка“, кои биле наменети за сервисирање на обврските од претходните кредити подигнати од „Поштенска банка“. Како гаранција за подигнатите кредити во „Еуростандард банка“, истите ги заложиле сопствените акции од „Поштенска банка“. Со оглед на фактот што кредитот кон „Еуростандард банка“ откако поминал рокот за плаќање не бил вратен, Еуростандард банка“ го активирала обезбедувањето на кредитот и станала акционер во „Поштенска банка“. На овој начин осомничените со пренос на незаконски стекнатиот имот – акциите во „Поштенска банка“ и средствата добиени од кредитите од „Поштенска банка“, го прикриле нивното противправно потекло, со што сториле кривично дело Перење на пари и други приноси од казниво дело, појаснуваат од СЈО.

Од СЈО додаваат дека дејствијата на осомничените лица не завршуваат тука. Имено, осомничените Смилевски, Главчев и Димитровски со цел, незаконски да извлечат парични средства од „Поштенска банка“ направиле обид за докапитализација на Банката со издавање втора емисија на акции за однапред познати купувачи.

Ваквата докапитализација Народна Банка на РМ не ја одобрила, затоа што управителите на друштвата „ГД Тиквеш“ АД Кавадарци, „ГП Бетон“ АД Тетово, АД „МИК“ Кавадарци, „Венгал“ АД Скопје, „Езимит Груп“ ДОО Штип и АД „Жито Скопје“ – Скопје како потенцијални купувачи постапиле спротивно на чл.38 од Законот за банки, со тоа што се обиделе акциите од втората емисија во „Поштенска банка“ АД Скопје ДА ги купат од средствата на истата банка.

– Притоа, осомничениот Смилевски, со управителите на овие правни лица кои се обиделе да учествуваат во втората емиција на акции, склучил договори и на сите им признал побарување во износ од по 13 милиони денари за наводно обештетување, иако истите не претрпеле никаква штета и реално немале право на вакво нешто. Притоа, било договорено износот кој го примаат правните лица на име обесштетување да биде искористен за затворање на преостанатите обврски кои по основ подигнати кредити од „Поштенска банка“ ги имале правните лица „Ноел Експорт импорт Гевгелија“ и „Европа 92 Кочани“. На овој начин истите се стекнале со противправна имотна корист од 81.703.525 денари, наведуваат во соопштението.

Појаснуваат дека управителите на правните лица кои ги склучиле договорите за обесштетување знаеле за фиктивноста на договорите, но дејствувале како членови на група што се занимава со перење на пари заедно со осомничените Смилевски, Главчев и Димитровски, поради што постои основано сомнение дека и лицата Викица Поповски, Зоранчо Митровски, Георги Каратолис, Ристо Милев, Златко Ѓорчев и Кирил Јаневски сториле кривично дело Перење на пари и други приноси од казниво дело.

Лицата Љубчо Георгиевски, Марјан Ѓорчев и Никола Груевски, поради застареност на кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување, нема да бидат гонети, наведуваат од СЈО.

Во меѓувреме, Љубчо Георгиевски и Никола Груевски на нивните фејсбук профили отфрлија каква било поврзаност со делото. Ѓеоргиевски дека нема ништо со приватизацијата на Поштенска банка и оти станува збор за постапки на приватни бизнисмени каде што целиот интерес профит е за нивните фирми. Груевски, пак, со забелешка дека ниту бил информиран оти се води предистражна постапка за такво дело ниту бил прашан за него.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...