Осомничената Фросина Ременски на увид во доказите за „Меѓународен сојуз“

303

Пратеничката Фросина Ременски денеска во Обвинителството за организиран криминал и корупција прави увид во доказите за случајот поврзан со Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски, обвинет во предметот „Рекет“.

Ременски е осомничена дека помага во делата „измама“ и „перење пари“  преку Меѓународниот сојуз.

Во Обвинителството денеска наместо првоосомничениот Бојан Јовановски – Боки 13, кој беше претседател на „Меѓународниот сојуз“, увид извршил неговиот адвокат Сашо Дуковски. Поканет да направи увид на доказниот материјал од страна на Обвинителството е и Миле Јовановски, таткото на Боки 13, а вчера тоа го направиле потпретседателка на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Мандиќ и Христина Блажевска, асистентка на Јовановски.

Увидот во доказниот материјал е со цел осомничените да се подготват за давање исказ во Обвинтелството во текот на наредната недела.

Овој дел на истрагата, која Обвинителството ја отвори на 9-ти октомври против пет лица,  се однесува на измамите со изградба на центри за возрасни лица, за кои беа барани пари од бизнисмените Силјан Мицевски, Ардијан Амзоски и други.

Од Обвинителството соопштија дека врз основа на предистражната постапка обвинителот што раководи со постапката, дошол до сознанија што укажуваат дека во периодот од јули 2017 до април 2018 година, првоосомничениот Боки 13 како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво.

– Тој лажно прикажувајќи дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евра од другото. Останатите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица по основ на позајмица или донација – информираа од Обвинителството.

Како мерки на претпазливост на Ременски и е одземен пасошот, не смее да го напушти Скопје, а по претресот во нејзиниот дом и беа одземени два телефони, компјутер и други предмети.

Кога пред три месеци беше во обвинителството да даде изјава, пратеничката рече дека не чувствува вина и тврдеше дека не присуствувала на средби со бизнисмени.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...