Основци од Македонија, Франција, Унгарија, Полска и Турција учат за емпатија

255

„Feel empathy, create awareness“ – „Почувствувај емпатија, создади свесност“ е новиот Еразмус + проект, кој почна да се спроведува во ООУ „Петар Поп Арсов“.

Ученици и наставници од пет држави, Македонија, Франција, Унгарија, Полска и Турција ќе имаат можност да учат за емпатијата и да ја подигнат јавната свест по ова прашање. Емпатијата значи  способност и подготвеност да сочувствуваш со болката  на другиот.

На почетокот на проектот, во училиштето во Карпош 4 се обрати и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој им посака успешна соработка на учениците, споделување на искуства и стекнување на нови знаења:

Деновиве, Карпош, Скопје, Македонија, а верувам и многу други држави сочувствуваат со болката на нашиот сосед, Албанија, по катастрофалниот земјотрес во кој загинаа голем број на граѓани. Сочувствуваме и пружаме поддршка, затоа што секој се нашол или може да се најде во таква ситуација. Тоа е суштината да се биде емпатичен, да се подаде рака и да се ставиш во положбата на другиот – рече Богоев.

На настанот се обрати и директорката на ООУ „Петар Поп Арсов“, Татјана Савеска, која истакна дека проектот ќе овозможи вмрежување меѓу различни култури, навики и искуства. Веќе се организираат и работилници со стручни лица, преку кои децата изучуваат за емпатијата. На овој начин, учениците и наставниците ќе стигнат до нови знаења и вештини кои ќе можат да ги користат во својата средина на живеење.

Во текот на денешниот ден, учесниците од проектот ќе бидат во посета на кафулето „Umbrella“ и преку делење на бели рози ќе го одбележат Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...