Осмото издание на Skopje Design Week од 21 до 25 ноември

98

Skopje Design Week или попозната како Скопската недела на дизајн, годинава ќе се одржи од 21. до 25. ноември, во Јавна Соба и Лукс, а земја во фокус е Германија.

-Германија годинава ветува одлична содржина преку изложба на 12 врвни дизајн студија, отворени презентации на дизајнерите, посета на производни компании и соработка со производни компании од Македонија кои сакаат да настапат на германскиот пазар. Оваа година, на големо задоволство, во организацискиот дел активна улога зема и Делeгацијата на германското стопанство со канцеларија во Скопје, но поддршка даде и Германската Амбасада во Скопје – изјави Александар Велиновски, директор на Skopje Design Week.

Главната компонента во програмскиот дел на Skopje Design Week ќе биде фокусирана кон она што значи да се биде дел од светскиот пазар, претставувајќи се на најголемот саем за мебел во светот ИММ Келн. Мебел – производителите се клучниот потенцијал  на работилницата под менторство на Хелмут Меркел и Уве Дитерсен наречена “Како до подобра презентација на ИММ Келн”.

Младите дизајнери ќе можат да се “испробаат” и да “купат” знаење преку работилница за дизајн на производ за млади дизајнери под менторство на Инеке Ханс, продукт дизајнер и професор на академијата за дизајн од Берлин.

Во ЕКСПО секцијата, младите дизајнери од Македонија и регионот традиционално изложуваат сопствени производи и се во потрага по производители со кои ќе реализираат соработка за нивните иновативни решенија да влезат во сериско производство.

Составен дел на викенд програмата се детските работилници кои се работени со посебно внимание со цел преку нивната креативност и чистина да се дојде до совршени решенија за производ или услуга и да се разбуди креативноста од најрана возраст.

Марк Де Јонг, во рамките на гастрономскиот корнер ќе води тридневно гастрономско шоу, каде ќе гостуваат познати личности од културно-урбаната сцена, пом што ќе следи дегустација на подготвените јадења.

Музичката програма како финиш на секоја вечер, ќе понуди премиерни настапи на повеќе бендови и DJ-и од регионот.

Според организаторот, осумгодишното искуство кое го донесе македонскиот дизајн на едно поинакво ниво, основањето на меѓународната платформа за дизајнери – Balkan Design Network, собирањето на едно место на сите култни дизајнери од Mакедонија и Европа го носи предзнакот на Skopje Design Week.

Работното време на Skopje Design Week е секој ден од 21. до 25. ноември, од 9 до 1 часот по полноќ, а влезот е бесплатен за сите посетители.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...