Од каснати од куче или од змија, болни со висока телесна температура, повраќање, дехидрирани лица, но и пациенти со сомнеж за тропски заболувања, со (а)типични воспаленија на белите дробови, цревни инфекции, со свински или со други типови на грип. Вакви, но и многу други дијагнози, како инфекција со ХИВ/сида и жолтица, поставуваат вкупно 33 лекари и 54 медицински сестри на Универзитетската Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
Таму веќе неколку недели интензивно се преупатуваат и пациенти со грип и морбили од целата земја кои добиле сериозни компликации по здравјето, па морале да бидат приклучени и на апарати за дишење, односно за механичка вентилација (респиратори).
А за тоа дали има доволно апарати за сите тешки случаи или еден се исклучува за да се стави друг пациент, и колку од болните биле спасени благодарение токму на респиратор и интензивната нега и грижа на вработените, разговаравме со в.д. директорката на Клиниката, д-р Милена Стевановиќ.
Клиниката располага со 7 апарати за вештачко дишење кои ги заменуваат белите дробови на пациентите. Дали тоа е доволно или е сепак малку за оние кои имаат потреба од механичка вентилација и што се случува кога сите апарати се зафатени, а се јавува осмиот пациент кому, исто така, му е неопходна машина за дишење?
– Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби располага со 6 соби на одделот за интензивно лекување и 7 апарати за механичка вентилација, со сите други расположливи средства за мониторинг на пациентите, како и извршување на сите потребни активности кои со себе ги носи интензивната нега и лекувањето. Интензивната нега е креирана според потребите на Клиниката за инфективни болести и нејзините пациенти, а во согласност со стандардите за лекување на пациентите со инфективна етиологија.
Ако се јави зголемен број на пациенти, при состојби како што се епидемии, кои ги надминуваат капацитетите на одделот за интензивно лекување и нега на Клиникава, постојат институции со кои тесно соработува нашата Клиника. Најчесто тоа се КАРИЛ кој работи во склоп на ТОАРИЛУЦ, како и Клиниката за детски болести, па согласно со возраста на пациентите, тие се трансферираат и се лекуваат во споменатите единици за интензивно лекување на овие институции.
Во јавноста владее мислење дека оној болен кој е на машина за дишење тешко се извлекува од таа состојба, а во која беа и неколкумина тешко болни од грип. Кои се искуствата на лекарите од Клиниката за овие случаи? Колку од пациентите сте успеале да спасите од оваа состојба, особено во сезона на грип или во текот на годината?
– Состојбата кога пациентот има индикации за поставување на мехничка вентилација е секогаш сериозна, живото-загрозувачка и машината е само едно од средствата за лекување која може да му помогне на пациентот да ја победи болеста, но секако не е гаранција за успех. Не секогаш има потреба да се постави пациентот на механичка вентилација. Постојат јасни индикации за тоа и за болести кај кои механичката вентилација може да помогне, но не во сите случаи. Во сезона на грип најголем дел од пациентите се со пневмонија, а дел од нив имале потреба од механичка вентилација. Одреден мал процент од овие болни завршиле смртно, кај останатите сме имале позитивни резултати во лекувањето. Процентите се предмет на статистика, а ние секојдневно испраќаме извештаи до релевантни служби во Министерството за здравство кои се занимаваат со обработка на овие податоци.
Дали и што се пропушта во лекувањето пред некој да стаса кај вас во тешка состојба и со компликации во дишењето?
– Кај секоја болест, а особено кај пациенти кои се со преегзистентни, односно придружни хронични болести, може и покрај сите преземени мерки, тераписки и дијагностички, сепак да се влоши состојбата.
Од каде сѐ ви испраќаат пациенти кои мора да се стават на апарат? Дали навистина само вие и КАРИЛ и уште неколку болници се за пациенти на кои им е неопходна механичка вентилација? Барате ли да се оспособат и други болници за ваква интензивна нега?
– Адекватно опремени оддели за интензивно лекување, вклучувајќи ја и можноста за механичка вентилација, имаат повеќе институции во Скопје. Тоа се КАРИЛ, ЈЗУ Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, ЈЗУ Клиника за Кардиологија, ЈЗУ Клиника за детски болести, ГОБ „8. Септември“, ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Свети Наум Охридски“, како и неколку приватни здравствени организации.
Колку легла има Инфективната клиника и се случува ли често сите да се зафатени и колку лекари и медицински сестри се грижат за сите овие болни?
– Со екстензивно искористување на сите расположиви капацитети Клиниката располага со 129 болнички легла, вклучувајќи ги и капацитетите на дневна болница. Нашата Клиника има вработено вкупно 33 лекари и 54 медицински сестри кои се грижат за болните. Секако се соочува со недостиг на лекарски и средно медицински кадар. Но со максималната посветеност и професионално извршување на секојдневните обврски успеваме на пациентите кои се лекуваат на нашата институција да им пружиме максимална гриза и адекватно лекување – вели д-р Стевановиќ.