Османи: Џемаили не бил вмешан во „Мавровски работници“

Јас сум оптимист дека ќе се најде компромис за Законот за Јавно обвинителство и ќе се донесе со консензус помеѓу сите политички партии. Мислам дека разликите меѓу главните политички партии од македонскиот блок не се ненадминливи, вели вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

1071

Јас сум оптимист дека ќе се најде компромис за Законот за Јавно обвинителство и ќе се донесе со консензус помеѓу сите политички партии. Мислам дека разликите меѓу главните политички партии од македонскиот блок не се ненадминливи, вели вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Османи, неодамна изјавивте дека случајот „Рекет“ го става на тест институционалниот капацитет на земјава. Го става ли случајот на тест и датумот за преговори со ЕУ во октомври?

Мислам дека е баш лакмус-тест пред големата октомвриска одлука на Советот на ЕУ, за да се испита, на некој начин, дали институциите созреаја со реформите што ги правевме во целиот овој период. Така што, мојот став е дека оваа кризна ситуација може да ја претвориме во можност, доколку институциите одговорат сериозно и на ефикасен, транспарентен и непристрасен начин го расветлат целиот случај до крај, независно какви политички импликации може да има. Значи, ќе го повторам ставот дека криминалци и криминал има секаде. Разликата меѓу државите е во тоа дали имате институции коишто знаат да се справат на непристрасен случај.

Услов е и Законот за Јавно обвинителство, кој не е поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. Дали планот Б ќе биде лош преседан и има опасност од правна несигурност, како што тврди опозицијата?

Јас мислам дека разликите меѓу главните политички партии од македонскиот блок не се ненадминливи, само е потребна сериозна политичка волја и седнување на маса со цел да се надминат тие разлики. Сè што е во рамки на црвените линии коишто и ЕУ ги поставува, меѓутоа и ние како влада, а тоа е дека треба да има институција која се справува со криминал на високо ниво и дека сите случаи, дали од прислушувањата, дали надвор од прислушувањата, за коишто има индиции, треба да се расветлат во една судска процедура. Сè во рамки на овие граници мислам дека има простор за компромис и јас сум оптимист дека ќе се најде компромис за Законот за Јавно обвинителство и ќе се донесе со консензус помеѓу сите политички партии.

Зошто сметате дека Хисен Џемаили, кој беше обвинет во случајот „Мавровски работници“ од 2001 година, е добар избор за министер?

Прво, господинот Џемаили не е осуден за настаните коишто вие ги споменувате. Тоа беше главно дел од поранешната пропаганда против ОНА и нашите информации се дека воопшто не бил вмешан во настаните за коишто се споменува. Формално-правно тој нема пречка за извршување јавна функција. Тој беше претседател на Советот на Општина Тетово, беше пратеник во Собранието.

Но, тогаш му беше одземен имунитетот за овој случај.

Да, но знаете дека процесот формално беше завршен со автентичното толкување на Законот за амнестија од 2001 година. Значи, ви кажувам дека формално-правно нема пречка, меѓутоа еве и неформално можам да ги споделам и информациите коишто ги имам дека господинот Џемаили воопшто не бил дел од настаните за коишто се споменува. Но, во однос на компетентноста, во однос на образованието и искуството, апсолутно сметам дека е вистински човек на вистинско место.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...