Османи – Чамба: Македонија има големи очекувања од романското претседателство со ЕУ

56

Предизвиците со кои се соочува Македонија на патот кон членството во ЕУ, како и улогата на Романија, особено за време на нивното претседавање со Советот на ЕУ во првата половина од наредната година, биле теми на средбата на вицепремиерот Бујар Османи со министерот делегиран за европски прашања на Романија, Џорџе Чамба, во пресрет на преземањето на Претседателството со Советот на ЕУ од страна на Романија од јануари 2019 година, соопшти Секретаријатот за европски прашања.

– Романија претставува долгогодишен поддржувач на Република Македонија, особено за нашите европски и евроатлантски интеграции, и оваа денешна посета, на помалку од еден месец од стартот на преземање на кормилото на ЕУ од страна на Романија, претставува јасен показател за поддршката која ја очекуваме за време на нивното претседателствување со Советот на ЕУ – истакна Османи.

Вицепремиерот реферирал за напредокот во имплементацијата на Договорот од Преспа, за Планот 18 и неговата улога во задржување на позитивниот реформски импулс наметнат со Планот 3-6-9, како и за останатите реформски активности поврзани со имплементација на препораките на ЕУ и соодветните тела.

– На европските самити во јуни следната година, на истекот од мандатот на романското претседателство со ЕУ, очекуваме потврда на одлуката за почеток на преговори, со што Романија ќе биде запишана во историјата на Македонија како земја под чие водство ЕУ ќе ги започне преговорите со земјава – истакна Османи.

Двајцата соговорници размениле мислења и за процесот на проширување на Европската Унија, за евроатлантските перспективи на целиот Балкан, како суштински елемент во насока на стабилноста на регионот, но и на зацврстувањето на безбедноста и стабилноста на цела Европа, при што Османи изразил надеж дека досегашниот интерес на Романија за Балканот ќе продолжи со засилено темпо, особено во првата половина на наредната година за време на нивното претседавање со Советот на ЕУ во насока на верификација на европските перспективи на земјите од Западниот Балкан.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...