Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска во просториите на Секретаријатот oствари средба со германскиот државен Министер за Европа, Михаел Рот, соопшти СЕП.
Вицепремиерот Османи изрази голема благодарност за континуираната поддршка и посветеноста на Германија на процесот на пристапување во Унијата на земјите од Западен Балкан, рефлектирана и преку иницијативата „Берлински процес“.
Османи се осврна на важноста на периодот во кој се наоѓа нашата земја на евроинтегративниот пат, во контекст на неодамнешната одлуката на Европскиот Совет за временска рамката од 12 месеци, или јуни 2019 година, за почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Притоа, фокусот е ставен на подготовката за преговори преку скрининг процесот како и продлабочување на реформите и испорачување на конкретни резултати во делот на судството, безбедносните служби, јавната администрација но притоа не запоставувајќи ја ни борбата против организираниот криминал и корупција и сите останати клучни области.
– Свесни сме за комплексноста на процесот, кој вклучува огромен корпус на законодавство на Унијата кое треба да се транспонира во националното законодавство но тоа се придобивки кои водат кон суштинската трансформација на земјата во европско демократско општество со функционална пазарна економија, ефикасни институции и професионална администрација -додаде Османи.
Сепак, Секретаријатот за европски прашања и администрацијата имаат долгогодишно искуство, пред се во имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, и воспоставена инфраструктура која е подготвена да одговори на сите предизвици.