Османи: Уверен сум дека ќе добиеме одлука за почеток на преговори

61

Уверен сум дека оваа година земјава ќе влезе во втората фаза после дваесет години напори и ќе започне преговори за пристапување со Европската Унија. Не може да се најде забелешка за работата на Северна Македонија во однос на исполнувањето на критериумите, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, по симулацијата на состанок на Европскиот совет што ја организираа и изведоа студентите од Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.

Според Османи, штетата е многу поголема да не се започнат, отколку да се започнат преговорите, дури и во случај на внатрешните дилеми и стравови што ги има во земјите-членки.

– Работиме со земјите-членки, со сите нивни дилеми што ги имаат во однос на проширувањето. А тие дилеми не се однесуваат на нас. Не може да се најде забелешка за работата на Северна Македонија во однос на исполнувањето на критериумите. Се обидуваме да им објасниме дека интересот за започнување на овој процес е многу поголем, и штетата е многу поголема да не се започнат, отколку да се започнат преговорите, дури и во случај на внатрешните дилеми и стравовите што ги има во земјите-членки. Така што јас сум оптимист и ве уверувам дека нема да оставиме непревртен камен и камче за да обезбедиме оваа држава да почне преговори годинава – истакна Османи.

Во однос на тоа дали ќе понесе политичка одговорност и ќе се повлече од Секретаријатот доколку земјава не добие одлука за почеток на преговори, Османи рече дека ова прашање е „многу поголемо од индивидуалната судбина на било кој човек дури и на целата Влада“.

– Ова е историско прашање за државата. Ги изодуваме последните чекори од еден дваесетгодишен маратон. И навистина не смее оваа тема да се деградира до ниво на прашање каде ќе биде некој функционер или некоја Влада. Ние зборуваме за тоа дали државата ќе влезе во втората фаза после дваесет години напори. Ве уверувам дека оваа година земјава ќе влезе во втората фаза и ќе започне преговори за пристапување со Европската Унија – посочи Османи.

На прашањето дали имал увид во Извештајот на Европската Комисија за Северна Македонија, за време на неговата посета на Брисел во петокот, Османи рече дека одлуката на ЕК е оти ќе го објави извештајот по изборите за Европарламентот.

– Таа одлука е намерно така за да не се отвори оваа дебата пред изборите. Ќе ја почитувам таа одлука на ЕУ и нема да ја отварам дебатата за извештајот и што содржи во извештајот пред тие избори – одговори Османи.

Во однос на постигнувањето договор за СЈО, Османи вели тука станува збор за два датуми, едниот е пожелен, а едниот неопходен.

– Пожелниот би било пред извештајот на ЕК, а неопходниот би бил пред одлуката на Советот на ЕУ. Работиме да ги искористиме овие денови максимално да се изнајде решение помеѓу политичките партии, а ако во некој разумен рок не се постигне таквиот договор треба да се продолжи комуникацијата меѓу пратениците – рече вицепремиерот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...