Студентите и професорите од Универзитетот во Тетово денеска директно од вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи се запознаа со можност за учество на конкурсот за есеј на тема „Со европско знаење до европската престолнина“.
Османи рече дека сегашните студенти се идните главни учесници во преговорите со ЕУ.
– Започнавме идеја за натпревар на студентите од сите државни универзитети со есеи да го покажат своето знаење за Европската Унија и придобивките за државата. Најдобрите студенти ќе одат во посета на Брисел организирана од Секретаријатот за европски прашања, со цел студентите одблизу да се запознаат со институциите на ЕУ, со нашите мисии таму, и на тој начин да ја почувствуваат атмосферата во ЕУ и Брисел, бидејќи сметам дека студентите ќе бидат носители на самите преговори за членство – рече Османи.
Освен студентите во процесот на преговарање, активни треба да бидат претставници од сите сфери во општеството.
– Со ректорот разговаравме за потенцијалните експерти од различни области кои ќе можат да бидат дел од работните групи во рамки на различните поглавја што ќе се отвораат со Европската Унија. Имајќи предвид дека е захтевна и комплексна операција во која ќе треба не само луѓе од администрацијата, туку и од невладиниот сектор, универзитетите и други – рече Османи.
На новинарски прашања за промени во составот на Владата, Османи ги повтори изјавите дека лидерите на најголемите партии ќе разговараат на таа тема.