Вицепремиерот Бујар Османи во вечерашното гостување на телевизија Телма откри една новина во однос на уставните измени, а тоа е вметнување на Рамковниот договор како еден од конститутивните елементи на државата, заедно со АСНОМ и 8 Септември.
– Нацрт амандмани ќе бидат во линија на она што Собранието веќе го изгласа, односно четирите амандмани. Сега се договараат деталите. Знаете дека некои од тие кои гласаа имаа дополнителни предлози и сето тоа создаде нова ситуација во која мора да се разгледаат предлозите.
Процесот е премногу сензитивен и не мислам дека е лош пристапот на премиерот да се координира со сите пратеници кои го прават двотретинското мнозинство. Јас ја чувствувам потребата кај Албанците дека секогаш нивните прашање се ставаат во втор ред, меѓутоа нема поголем национален албански интерес од членство на Македонија во НАТО.
Во корпусот на албански прашања на прво место е НАТО, тоа е национален интерес на Албанците. Затоа ние како партија која ги претставуваме Албанците не го гледаме ова како одложување на некои албански прашања. Се разбира дека ваквите предлози од албанските партии се за да добијат политички поени. Во Преспанскиот договор е предвидено прецизирање на АСНОМ во Уставот. Ние сметаме дека при тоа логичен след е за да има целина, во конститутивните елемените да влезе Рамковниот договор – рече Османи.