ДУИ останува на ставот дека Македонија треба да има консензуален претседателски кандидат и оти предвремни избори не се во интерес на државата, рече вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
– Начелно имаме прелиминарен договор со СДСМ дека на овие избори ќе излеземе со заеднички кандидат. Сме разговарале и за одредени имиња за кои се шпекулира во јавноста, меѓутоа немаме договор досега во однос на тоа кој ќе биде кандидатот. Очекуваме да разговараме и за конкретни имиња, меѓутоа ДУИ останува на ставот дека Македонија треба да има консензуален претседател – рече Османи.
Тој нагласи дека оваа идеја ја застапуваат од 2014 година, опстојуваат на неа и денес и ќе продолжат да ја застапуваат и во наредните мандати ако не успеат сега.
За тоа кои се прифатливи кандидати за ДУИ, Османи рече дека е рано да се разговара за тоа, подвлегувајќи го партискиот став оти сметаат дека кандидатот треба да ги надмине етничките и партиските линии, но, доколку има добар кандидат, и во рамки на партиите, ние сме подготвени да разговараме.
– Мислам дека е рано да разговараме за имиња, бидејќи го компромитираме процесот, граѓаните да го кажат прво своето мислење во различни испитувања на јавното мислење – рече Османи, запрашан дали Шекеринска и Спасовски се прифатливи кандидати за ДУИ.