Османи: Создаден е моментум кој убеден сум ќе знаеме да го искористиме

182

Создаден е моментум кој убеден сум ќе знаеме да го искористиме. Мотивацијата со којашто влегуваме во овој процес е силна и како држава подготвени сме да преземеме брзи, и таму каде што е потребно, радикални реформи, порача вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во обраќањето на Самитот на шефови на држави или влади на земјите-членки на процесот на соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој се одржува на Брдо кај Крањ, Словенија.  Главна тема на Самитот е предизвиците и можностите за унапредување на меѓусебна соработка.

Османи посочи на охрабрувачката содржина во минатонеделниот Извештај на Европската Комисија за состојбите и напредокот на земјата, и безусловната препорака за започнување на преговорите за членство во ЕУ.

– Во овие турбулентни времиња важно е тесно да соработуваме за зголемување на вкупната безбедност во регионот. Овој Самит овозможува да се осознаат предностите на регионалната соработка, инклузивноста, квалитетот и предностите при изградбата на добри меѓусебни односи. Земјите од регионот заради заедничкиот географски, историски и социо-економскиот потенцијал треба да ја споделуваат и заедничката европска иднина – рече Османи.
Во своето обраќање Вицепремиерот Османи изрази задоволството од постигнатиот напредок за време на словенечкото претседавање во однос на за нас најважното надворешно политичко прашање денес – проширување на ЕУ, односно процесот на придружување на земјите од Западен Балкан во европското семејство.

Процесот за соработка на Југоисточна Европа е иницијатива за регионална соработка каде покрај Македонија членуваат: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Молдавија,Романија, Србија, Турција, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Косово чија цел е јакнење на политичката и безбедносната соработка, интензивирањето на соработката на државите во областа на економијата, демократијата, судството, човековите права и борбата против илегалните активности.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...