Османи: Се извинувам ако медиумите ја сфатиле мојата изјава како закана

334

Вицепремиерот за европски прашања и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, во писмена изјава до медиумите се извини ако некој ја сфатил неговата вчерашна изјава како закана до новинарите. Тој потенцира дека медиумите имаат право да известуваат и да се сомневаат и оти не ги сметаат таквите прилози за злонамерни, па поголемиот дел од медиумите нема потреба да ѝ се извинуваат на ДУИ ниту пак, партијата има потреба да поднесе тужби.

Изјавата на Османи ја пренесуваме интегрално:

„Заштитата на јавниот простор и слободата на јавното информирање, претставуваат наша обврска не само како политичари чија централна позиција претставува европска Македонија, туку и лично како луѓе чии вредносен систем е изграден на основа на западните правила и норми.

Но заштитата на јавниот простор не може да се обезбеди преку заштита на намерните шпекулации и манипулации, преку заштита на лагата и лажните вести, преку заштита на оние чија цел е неправедна дискриминација, нанесување неоснована штета итн.

Медиумите имаат право да известуваат и да се сомневаат, и тоа никогаш не претставувало проблем, ниту таквите прилози ги сметаме за злонамерни и, поради тоа, поголемиот дел од медиумите немаат потреба ниту да се извинуваат, ниту имаме намера да поднесеме тужби. Ако мојата изјава, која секако ја дадов како портпарол на партијата ДУИ, некои од овие медиуми ја сфатиле како закана, дозволете јавно да се извинам и да се обврзам во моите наредни изјави да бидам попрецизен.

Но, постојат политичари, претставници на мали партии, кои изразија директно обвинување за криминал и кражба, без притоа да имаат ниту тронка основа за сомнеж за ваквото тврдење. Тоа е неприфатливо, и затоа апелирам да ја сфатат грешката, да прифатат дека згрешиле или избрзале, нешто што веднаш ќе го прифатиме и ќе го поздравиме. Во спротивно, навистина ќе бидеме приморани и ќе поднесеме тужба за тенденциозно изнесените невистини.

Слична порака сакам да упатам и до оние медиуми и портали – познати претставници на лажните вести, кои не пропуштија да се скандализираат со овој случај, и тие да шират директни обвинувања, намерни лаги и да креираат целосни лажни вести без никаква основа. Наша цел е да го заштитиме јавниот простор, оставајќи им можност да ги демантираат невистините, да се извинат, во спротивно некои од медиумите ќе мора исто така своите тврдења да ги докажат на суд“, пишува Османи.

Инаку, денеска со реакција за вчерашната изјава на вицепремиерот се јави и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), кое реагираше и на етикетирањето од страна на министерот без ресор, Роберт Поповски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...