Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи во рамките на неколкудневната работна посета на Вашингтон, оствари посета на централата на УСАИД во Вашингтон, каде имаше средба со Маргот Елис, заменик виш администратор на УСАИД за Европа и Евроазија. Ова го соопштија од Кабинет на заменик претседателот на Владата на Република Македонија.
– Османи ги посети централите на најголемите американски меѓународни институти, каде оствари средба со Пол МекКарти, регионален директор за Европа при Меѓународниот републикански институт ИРИ (IRI), како и со Шери Брајан, потпретседател на Демократскиот национален институт НДИ (NDI) – се вели во соопштението.
„Во улога на национален координатор на странска помош, сакам да изразам лично задоволство, секако и да ги пренесам и пораките на благодарност во името на целата Влада, за успешното таргетирање на американската развојна помош во земјата, поставувајќи ги темелите на демократскиот и граѓанскиот развој на земјата“, истакнал Османи на средбата, упатувајќи на директната поддршка од страна на САД за Република Македонија од преку половина милијарда долари од независноста до сега.
– Наша цел е да изградиме функционална мултиетничка демократија, која ќе почива на принципите на граѓанското општество, владеењето на правото, еднаквоста, слободата солидарноста, и сите останати принципи кои се дел од вредностите на западната цивлизација – истакнал Османи, посочувајќи ја тука улогата и на УСАИД, „како главен центар за распределба на развојната помош, но и улогата на меѓународните институти, ИРИ и НДИ, чие присуство има оставено неизбришлива трага во демократскиот, политичкиот, граѓанскиот и воопшто општествениот развој на земјата. Османи ја реафирмираше заложбата на Владата за континуитет во рамките на соработката со американските институции, ако клучен сегмент во заокружувањето на трансформацијата на земјата согласно западните правила, стандарди и вредности“.