Вицепремиерот за Европски прашања, Бујар Османи, свика координативен состанок со претставници од повеќе ресори и институции, со цел координација, следење и известување за текот на имплементацијата на Законот за употреба на јазиците, соопшти СЕП.
Од приложените фотографии впечатливо е дека на првиот состанок присуствувале само функционери Албанци.
– Имплементацијата на Законот за јазици претставува комплексна и обемна операција, за чија успешност потребано е формирање на работна група – координативно тело, чија задача ќе биде координирање, мониторирање и известување за текот на имплементација на законот – изјави Османи на средбата, посочувајќи на законските рокови за усогласување со одредбите од Законот, во кои бројни институции кои во соодветен временски рок треба истите да ги имплементираат, и да овозможат соодветна употреба на албанскиот јазик.
На координацијата беше заклучено да се изготви конкретен и прецизен план на активности, со соодветни рокови и критериуми за реализација, со што ќе се овозможи полесна и попрецизна контрола врз имплементацијата на Законот.
Покрај Османи, на координацијата присуствуваа и Министерот за образование, Арбер Адеми, пратеникот, Артан Груби, поранешниот министер за правда, Билен Салији, како и останати претставници на институциите и експерти. Планот за имплементација на Законот за употребата на јазици се очекува да биде разгледан на правата владина седница, а Османи веќе најави и меѓународна донаторска конференција за размена на мислење, искуство и координација на поддршката за имплементација на законот.