Вонредна состојба во администрацијата, мобилизирање на сите, од министри, преку заменици, државни секретари, советници, службеници, „прогласи“ денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во изјава пред почетокот на состанокот на Работниот комитет за евроинтеграции.
Годинава ја означи како клучна за евроинтегративните процеси на Македонија, а извештајот од Европската комисија, ако не во април, се очекува да го добиеме по изборите за Европскиот парламент, закажани за мај. Но без разлика на тоа, нагласи Османи, ќе се работи со полна пареа како да ќе има извештај во април, со цел да се испорачаат резултати од реформските процеси и да нема ниту мал простор за двоумење меѓу 27-те земји-членки на Унијата.
– Уште од првиот ден да се мобилизираат сите можни ресурси во администрацијата, но и надвор од неа во пресрет на најважните месеци за евроинтегративниот процес на РМ. Ова е уште една историска година за РМ, но сега за жнеење на резултатите кои ги очекуваме од двата најважни процеса, интеграцијата во ЕУ и членството во НАТО. Од денеска, на некој начин, прогласуваме вонредна состојба во администрацијата, ги ставаме на располагање сите можни тела, сите луѓе од раководители, до министри, заменици, државни секртетари, до последниот човек со цел да се спроведуваат реформите, да се испорачаат резултати, согласно препораките од Советот на ЕУ, дадени минатата година во јуни. Но, и да има конкретни резултати од носењето на тие реформи, кои ќе ги направат општеството и државата поевропска и ќе дадат доволно аргументи да ги убедиме земјите-членки и формално да го почнеме датумот за преговори – рече Османи, нагласувајќи дека со тоа ќе се отвори патот оваа година да ја имаме првата меѓувладината конференција.
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска на 40 состанок на Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ) ги отвори темите поврзани со европските интеграции: објаснувачкиот скрининг, статусот на имплементација на Планот 18, статусот на апсорпцијата на ИПА и распределбата на странска помош и тн.
Османи направи осврт на резултатите од 2018 година оценувајќи ја како историска од аспект на европските интеграции, при што потенцираше дека и оваа година, европските интеграции остануваат во фокусот на Владата, за што во наредните месеци потребни се конкретни резултати во спроведувањето на реформите особено во приоритетните области: правосудство, реформа на безбедносни служби, реформа на јавна администрација и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
– Еден од најважните индикатори за нашата европската интеграција е секако – имплементацијата на Планот 18. Во таа насока денес ќе ги разгледаме досегашните реализирани активности, ќе ги разгледаме евентуалните предизвици во неговата имплементација и најважно, ќе оформиме реална проценка за негова финализација во периодот до излегувањето на новиот извештај на Европската комисија, како еден од најважните критериуми за верификацијата на нашиот напредок во европските интеграции – истакна Османи, кој изрази задоволство од досегашниот успех на овој план, во сите области.
Во рамки на денешниот состанок на РКЕИ членовите беа запознаени со досегашниот тек на т.н. набљудувачки скрининг, како и распоредот на Поглавјата за оваа година, со оглед на тоа што ова е процес кој овозможува администрација, која е дел од преговарачката структура, односно преговарачкиот тим, и сите останати чинители во истиот да се подготвуваат за евентуалниот старт на преговорите.
Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ) претставува највисоко административно тело на Владата во кое членуваат државните секретари на министерствата, претседавачите на поткомитетите, раководителите на работните групи, генералниот секретар на Владата, како и дел од администрацијата на Секретаријатот за европски прашања.