Османи: Предлогот за името е магична формула

756

Предлогот „Република Илинденска Македонија“ е магична формула, која во себе ги вклопува сите коцки во еден успешен мозаик, смета вицепремиерот задолжен за евроинтеграции, Бујар Османи.

Тој вечерва во емисијата Топ тема за Телма нагласи дека во целиот процес мора да се прави дистинкција меѓу суштината и формата.

– Мора да направиме разлика меѓу суштината и формата. Суштина е какво е, форма е колку и каде ќе се имплементира и согласно тој концепт беше новиот предлог. Ако има добро решение не е важно колку и каде ќе се употреби. Сметам дека тој предлог беше таков, инклузивен е за сите чинители во општеството – политички, партиски, етнички и ги овозможува двете основни барања на Грција јасна дистинкција со нивниот регион и можноста за севкупна употреба – рече Османи.

Тој нагласи дека ова се ставови блиски на владите во двете држави, а за прашањето не решаваат само владите, туку и опозицијата и граѓаните и просецот сега е во фаза на консултација со останатите чинители.

Османи додаде дека ова не е конечно решение, туку усогласен став на владите дека може да биде конечно решение.

Османи истакна дека додека не се договори сѐ во процесот на преговорите, ништо не е договорено.

– Доколку отпадне едната опција од сите седум го растураме целиот пакет. Овој пакет, како што сега е поставен може да успее и сметаме дека сѐ уште има шанси во двете земји. Ако еден момент во пакетот се измени се менува целиот пакет. Ако прифатиме друг предлог ќе мора да почнеме нови преговори за целиот пакет. Со ова и Албанците прават компромис и очекуваме и Грците да направат компромис – додаде тој.

Тој додаде дека доколку има потреба од дополнителни гаранции за тоа треба да се разговара.

Османи нагласи дека двете страни стигнале до најдалечна точка во процесот, а враќањето назад ќе направи штета.

– Враќањето назад не значи враќање на нула, туку некаде позади нула. Не смееме да ја испуштиме оваа златна шанса – додаде Османи и појасни дека во договорениот пакет јазикот останува македонски, а државјанството македонско/државјанин на Република Илинденска Македонија.

Османи истакна дека според албанскиот коалициски партнер во Владата, не треба да има референдум за името, но доколку таква одлука се донесе активно ќе учествуваат на тој референдум.

Во дебатата професорот Гордан Георгиев нагласи дека потегот повлечен од премиерот Зоран Заев бил спектакуларен од дипломатско-технолошки аспект, а соопштението од кабинетот на Ципрас, објавено откако Заев го кажа предлогот го оцени како „пакосно“.

– Иако ставот на Владата е активен и добар и тој нѐ става во некаква офанзивна позиција без разлика како ќе заврши целата работа на крајот. Мислам дека нашите пријатели во Грција треба добро да размислат за овој предлог, но исто така и нашите пријатели околу Грција, сериозниот странски фактор – додаде тој.

Според Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка, предлогот бил изненадување за целата јавност и немало активен отпор сѐ додека Заев не го соопшти.

Тој смета дека ова е креативно решение.

– Дали е добро или не ќе видиме. Ефектот сега е повеќе поради одбивањето на Грција на предлогот. Треба да согледаме дали Грција навистина сака решение или нашите обиди се бесполезни – додаде Кржаловски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...