Деновиве ќе излеземе со унифициран државен став за францускиот нон-пејпер за новата методологија за преговори во ЕУ, најави вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието, на која присуствуваше и амбасадорот Кристијан Тимоние.
– Во октомври заслуживме да почнеме прегвори, бројките покажуваат дека сме пренеле околу 3.000 правни акти од законодавството на ЕУ, а вкупно се 7.000 што значи дека околу 30 отсто сме пренеле. По логика тоа значи дека сега треба да сме една третина почнати со преговори, а не сме ги ни почнале. Имаме направено работи што ниту една земја ги нема пред да започне преговори – порача Османи нагласувајќи дека вината не е кај нас туку одлуката од октомври била резултат на внатрешните дилеми на ЕУ.
Вицепремиерот рече дека разочараност има кај сите затоа што во октомври наместо светло на крајот од тунелот виделе светло од тунелот.
Тој нагласи дека заслугата за досега постигнатото не е само на оваа влада предводена од СДСМ, туку и на сите претходни влади на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на францускиот нон-пејпер, Османи рече дека е многу важно што Франција веднаш по самитот во октомври излегла многу бргу со документот. За него, посочи дека личи на писмо со добри намери отколку на концизен рецепт за правење.
– Документот дава стратешки насоки за развивање на проектот на ЕУ за Западен Балкан. Намерите се добри и чесни, очигледно е чувството дека бирократскиот процес на преговори не ги дава резултатите, но ние не се плашиме од реверзибилност на процесот. Нас досега нѐ запираа политичките блокади, не се плашиме од техничките препреки – рече Омани.
Вицепремиерот рече дека имало дилеми за кого сѐ ќе важи новата методологија односно дали ќе ги опфати и Србија и Црна Гора кои веќе се почнати со преговорите или нема да ги опфати па ќе се создадат процеси со две брзини.
– Но, добро е што методологијата ќе важи за сите. Имаме и други дилеми, но процесот е сега во една фаза на пауза додека да се консолидира ЕУ ама тоа не е пауза и за нас. Имаме уште малку време, еден месец со техничката влада и околу четири месеци до изборите. Да го искористиме секој ден да испорачаме резултати до јануари, ете повикувам да се донесе и Законот за јавно обвинителство, да ги исполниме сите услови – порача Османи.
Вицепремиерот уште еднаш посочи дека единствена алтернатива останува полноправно членство во ЕУ и дека тие немаат мандат да разговараат и размислуваат за нешто поразлично од тоа.