Република Северна Македонија покажа исклучителна зрелост и подготвеност за отпочнување на пристапните преговори со Унијата, и тоа не само со исклучителните успеси во решавањето на поголемите отворени прашања со соседите, туку и со интензитетот и квалитетот на спроведените реформи, истакна вицепремиерот Бујар Османи, на средбата со делегацијата на Постојаната комисија за европски прашања на Парламентот на Кралството Холандија, предводена од претседателот на Комисијата и шеф на делегацијата Хаjке Велдман.
Османи посочил на Договорот од Преспа, неговото создавање, верификација и неговото спроведување, како мало дипломатско чудо кое сѐ повеќе станува пример за решавање на билатерални прашања.
– Постои сериозен напредок во имплементацијата на реформите во сите клучни области дефинирани од страна на Европскиот совет минатата година, напредок за кој е нотиран и соодветен трак-рекорд, кој е во постојана надградба – рече Османи, посочувајќи притоа и на успешно спроведените претседателски избори кои недвосмислено упатуваат на политичката и демократска зрелост на државата, и нејзината подготвеност за почеток на преговорите со Европската Унија оваа година.
На средбата беа отворени и темите поврзани со билатералната соработка помеѓу Кралството Холандија и Република Северна Македонија, која се реализираше во изминатите две декади, во износ од над 150 милиони евра, и ќе продолжи да се реализира и во претстојниот период, главно за поддршка на проекти поврзани со европската интеграција на земјава.