Македонија успеа да испорача исклучително продуктивна реформска агенда во изминатите девет месеци и е повторно вратена на европскиот пат. Ова е пораката што на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи му била пренесена во разговорите со претставници на Европската комисија за време на вчерашната посета во Брисел.
Тој истакна дека Планот 3-6-9 е реализиран над 90 проценти и очекува Европската комисија во својот извештај за напредокот на патот кон ЕУ на земјата да биде најдобриот досега и да содржи чиста препорака за почеток на пристапните преговори.
– Генерално, иако реализацијата на овој План не може да се изрази во проценти поради квалитативноста на некои мерки, надминати се и најоптимистичките очекувања и степенот на негова реализација е над 90 проценти. Од вкупно 103 мерки помалку од 10 не се реализирани – рече Османи.
Тој истакна дека реформите не застануваат, тука со завршување на Планот 3-6-9, туку ќе продолжат и понатаму, согласно шесте водечки иницијативи содржани во Стратегијата на Европската комисија за проширување 2025 и сугестиите во Извештајот на ЕК што ќе биде објавен на 17 април.
Според него, вистинска валоризација на овој успех ќе претставува и успешното надминување на прашањето за името со Грција, па преку почеток на преговори со ЕУ уште повеќе да се зголеми реформскиот курс на државата, а во насока на постигнување просперитетно општество.
Османи го поздрави и враќањето на опозицијата во Парламентот, која ги подджа дел од реформските закони. За тоа како е обезбедена поддршката од опозцијата за донесување на реформските закони со двотретинско мнозинство, Османи рече дека тоа е постигнато со прифаќање на забелешките дадени од опозицијата.
– Воспоставивме нов стандард во донесување на законите. Никогаш немало ваква инклузивност и отвореноста во донесување на некакви закони преку вклучување на невладин сектор, на опозиција, дури и се обврзавме дека и законите кои не бараат двотретинско мнозинство нема да ги донесем додека не добиеме согласност од опозиција (закон за заштита на сведоци), оти сега е време за државен консензус. Ова не е проект на една влада и на една политичка партија туку проект кој го бараат граѓаните на РМ, а огромното мнозинство се за влез во ЕУ и НАТО – рече Османи.
За тоа како е обезбедена поддршката од опозцијата за донесување на реформските закони со двотретинско мнозинство, Османи рече дека тоа е постигнато со прифаќање на забелешките дадени од опозицијата.
Во однос на обвинувањата од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека наводно тој го кочел спроведувањето на планот за реформи и дека за тоа имал договор со шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати, Османи рече дека станува збор за смешна изјава, во која не верува ниту самата опозиција.
– Не можам да ја разберам нивната опседнатост со барање непријателство кон Албанците, градењето на нивниот политички имиџ преку антиалбански сентимент. Се покажа за нив дека тоа е уништувачко за партијата и државата и продолжуваат со истиот наратив. Секогаш некои Албанци им се криви за прашања кои немаат врска со политичките прашања. Тоа нема логика затоа што Планот 3-6-6 е мое политичко чедо кое што го создадов и го израснав заедно со колегите во министерствата и во Владата. Секој ден го презентираме, луѓето велат дека и од фрижидер излегуваме поради секојдневните барања во Владата да се притиснат министрите побрзо да ги реализираат мерките. Така што не чувствувам потреба да објаснувам. За мене е најважно дека Планот ги надмина и моите очекувања. Тука има 90 проценти, но јас велам сто проценти, затоа што суштината на Планот е реализирана. Македонија е вратена на европскиот пат, Македонија е валоризирана како позитивна приказна во регионот која зрачи внатре и во регионот, тоа очекуваме да го каже и ЕК – рече Османи.
Според него, ваквите обвинувања, му личат на големоруски кујни за големи албании.
На новинарско прашање за законот за употреба на јазиците, кој за него е донесен бидејќи трипати ја добил поддршката во Собранието, Османи го повика претседателот Иванов, како што рече, да ја искористи можноста и во наредните денови да ја одигра улогата на кохезивен фактор во државата. Изрази уверување дека законот ќе се спроведе, и оти чекаат прво одлука од Иванов.