Очекуваме дека ќе го добиеме еден од најдобрите извештаи на Европската комисија од досега добиените и ќе добиеме кристално чиста препорака, а земјите-членки треба да ја одобрат.
Ова го истакна вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи на средбата со новинарите, кој рече дека денеска е последниот ден пред извештајот на Европската комисија што ќе се објавува после два месеци околу 29 мај.
Но, посочи, имајќи предвид дека утре влегуваме во предизборна кампања, а пред таа да заврши ќе почне изборната кампања за Европскиот парламент, до 29 мај и во земјите-членки на ЕУ ќе имаме една вонредна состојба во која фокусот ќе биде на изборите, а не на евроинтегративниот процес. Според него, тоа не значи дека во овие два месеца ние нема да продолжиме со иста динамика и темпо, за да се постигнат стандардите и критериумите што сме ги поставиле.
– Во услови кога европската идеја е се повеќе нападната, оспорена и загрозена, Република Северна Македонија направи преродба на нејзините основни принципи, едноставно таа е еден остров на Балканот кој ја преродува и заслужува повеќе од кога било и од кој било да почне овој процес. Аргументите на Франција дека Европа треба прво да се продлабочи пред да се прошири, ние го објаснуваме со фактот дека ние не бараме утре да влеземе во ЕУ, ние сметаме дека додека Западниот Балкан се подготвува за членство ЕУ има време да се продлабочи – вели Османи.
Тој нагласи дека добра е одлуката да не се објави извештајот во април, затоа што сметаат дека со објавувањето на неговата содржина во предизборна атмосфера би можело да се предизвика голем притисок, имајќи предвид дека во некои земји-членки не е многу популарно проширувањето на ЕУ, проширувањето со Западен Балкан.
– Ако хипотетички извештајот биде на 29 мај, одлуката на Советот на министрите е на 19 јуни, што значи вкупно 20 дена, а сите 28 земји тој извештај од ЕУ треба да го одобрат и да заземат политички став дали ќе го поддржат. Очекуваме дека ќе го добиеме еден од најдобрите извештаи од досега добиените и ќе добиеме кристално чиста препорака, а земјите-членки треба да ја одобрат. Во другите земји-членки процедурата е пократка освен во Германија и во Холандија, каде нивните парламенти треба да ја донеат одлуката, а дотогаш претставниците на владите во Советот не можат да имаат став. Ако една земја-членка нема став, бидејќи одлуката е консензуална мора сите да кажат „да“ за почеток на преговори за да има одлука – потенцира Османи.
Тој нагласи дека нивниот став е дека кое било одложување од јуни може да се сфати како лоша порака тука внатре, да создаде внатрешни фрустрации, да ги обесхрабри земјите од регионот, да го следат нашиот пат, меѓутоа да ја комплицира ситуацијата.
И да нема одлука во една земја-членка поради технички причини, појасни, нема да има воопшто одлука во јуни. Посочи дека заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров на 10 април ќе одат во Бундестагот, за да објаснат колку е важно за државава да има одлука.
– Ја преродивме европската идеја дека само со соработка меѓу соседите ќе се постигне одржлив мир. Ние тоа го направивме со Договорот со Бугарија и со Грција и сме единствената земја во регионот која нема ниту едно отворено прашање со сите пет соседи. Ние денеска може да имаме меѓувладини седници со која било од петте наши соседи и на агендата нема да има ниту едно прашање кое би било решавање на проблем. Во вторник, доаѓа грчкиот премиер Алексис Ципрас со речиси целата негова Влада и може да се каже дека тоа е меѓувладина седница меѓу Грција и Северна Македонија и на агендата нема ниту едно отворено прашање, туку има само потпишување договори. Јас ќе го потпишам меморандумот за отворање на вториот граничен премин со Грција кај Кавадарци и меморандумот за соработка во рамки на европските интеграции – истакна Османи.
Укажувајќи на вториот принцип на ЕУ кој се однесува на единство во различностите, рече дека имаме ситуација кога двете големи етнички заедници кои пред само 18 години беа во војна денеска имаат заеднички кандидат за претседател на државата. Ако ја гледаме големата слика каде бевме пред 18 години и каде сме сега, појасни, тоа е преродба, ренесанса на европската идеја, единствени во различностите, а тој наратив кој не може да се постигне во БИХ, во односот меѓу Србија и Косово, ние го преродивме.
– Во врска со третиот принцип и наш адут зошто заслужуваме да го почнеме овој процес, се покажавме како вистински партнер на ЕУ и во делот на надворешната и безбедносна политика. Имаме над 95 проценти хармонизација со надворешната безбедносна политика на ЕУ. Само минатата година спречивме 17.000 нелегални обиди на мигранти да влезат во ЕУ – рече Османи.
Осврнувајќи се во делот на реформската траекторија на државата, во делот на враќање на владеењето на правото како основен принцип на ЕУ, меѓусебна контрола на институциите и либералните институции, рече дека имал средба со претставници на повеќе институции што имаат улога во постигнувањето на овие цели. Последната посета му била во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, каде директорот посочил дека ова ќе бидат првите избори каде ќе треба да има минимален мониторинг на телевизиите.
– Значи секогаш имало над сто луѓе кои ги мониторирале поради прелиминарната проценка дека има нефер покривање. Ова ќе бидат први избори на кои нема да бидат потребни повеќе од 20 монитори, затоа што констатацијата на АВМУ е дека ситуацијата во телевизиите е одлична. Ова укажува на транспарентност, на слобода на говор,…Претходно ја посетив ДИК. Овие избори се многу важни не заради тоа кој ќе биде претседател на државата, туку заради тоа што се случуваат во последниот месец пред да се донесе одлуката на Советот на министри на ЕУ – рече Османи.
Едно важно поглавје во кое имаме со што да се пофалиме и ни е сериозен адут, истакна, е владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата и создадовме суштински систем за борба против корупцијата и се испорачаа резултати.
Тој посочи дека во овие 20 месеци создале тоа што тој го нарекува „свето тројство“ на институции, независни институции за борба против организираниот криминал и корупцијата, а тоа се, како што рече, Антикорупциската комисија Антикоруциското специјално обвинителство и Координативното тело за борба против организиран и сериозен криминал, кои покажаа резултати.
– Тоа се трите независни институции што го преродија нашиот систем за борба против корупција што е основа за владеење на правото. Во врска со пакетот реформи во безбедносните служби направивме комплетен прекин на безбедносните служби од сите наследени џебови од претходниот систем. Со формирањето на ОТА, на Националата агенција за безбедност што очекуваме многу брзо да се формализира имајќи предвид дека има малку разлики со опозицијата во тој дел, ќе направиме комплетно лекување на оваа ситуација. Се очекува да ги завршиме двата пакета што останаа, а тоа е пакетот на безбедносните служби и Законот за јавно обвинителство – додаде Османи.