Вицепремиерот Бујар Османи односите во самата ЕУ во овој миг ги оцени како доста сложени, но со очекувања за позитивен развој на настаните, преку изнаоѓање начин како земјата да ги отпочне претпристапните преговори за членство во Унијата.
Османи забележа дека самите односи во рамки на ЕУ и натамошната динамика на нејзиното проширување се одвиваат со, како што рече, „далеку помала предвидливост“.
– Земјата беше подготвена за почеток на преговори за членство, Но, беше направена грешка, а сега сите се обидуваат да најдат начини како да се поправи таа грешка. Прво тоа беше францускиот нон-пејпер како писмо со намери, како и вчера објавениот нон-пејпер на девет членки на ЕУ, кој е развивање на француската идеја во подобра насока, имајќи ги предвид нашите укажувања дека има прашања кои ние не можеме да ги прифатиме, рече тој, оценувајќи го тој процес како позитивен развој на ситуацијата.
Османи изрази очекување дека Европската комисија наскоро ќе предложи нова методологија за проширување на ЕУ.
– Ако во февруари имаме вонреден извештај на Комисијата што ќе биде позитивен, тогаш во март можеме да имаме услови за некаква одлука. Меѓутоа, премногу се сложени односите во ЕУ, важно е ние да сме подготвени, ако можеме до тогаш да го донесеме законот за јавно обвинителство – рече Османи.
Поранешниот амбасадор на ЕУ во Македонија Ерван Фуере ги поздрави огромните напори што се прават во рамки на ЕУ во насока на отпочнување на претпрестапните преговори.
– Очигледно е дека постојат различни ставови околу тоа, особено кај француската Влада, но Европската комисија отпочна процес на сублимирање на тие различни ставови, позиции, со цел да изготви документ што ќе го презентира на земјите-членки за тоа како треба да течат преговорите. Мислам дека ќе биде предизвик да се постигне консензус по тоа прашање до март, но мораме да работиме најдоцна до јуни формално да започнат претпристапните преговори – рече Фуере.