Османи: Македонија и Србија можат да си помогнат на патот кон ЕУ

80

Македонија и Србија можат една на друга да си помогнат на патот кон ЕУ, бидејќи Белград веќе има искуство со преговорите со Унијата, а Скопје е подолго во тој процес, вели вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во интервју за Танјуг.

Османи вели дека со српската министерка за европски прашања Јадранка Јоксимовиќ веќе подготвиле меморандум за соработка и се чека конкретен термин кога ќе биде потпишан.

За македонско-српските односи тој оценува дека во минатото имало периоди на подеми и падови, па дури и помали инциденти, но оти се покажало дека Македонија и Србија имаат доволно резерви во билатералните односи кои овозможуваат брзо разрешување на проблемите.

Во интервјуто Османи се осврнува на договорот за името со Грција, посочувајќи го како пример што треба да ги охрабри другите држави во регионот при решавањето на меѓусебните спорови. Тој очекува Договорот со Грција да помине во грчкиот Парламент откако ќе се заврши процесот на уставна ревизија во Македонија бидејќи во спротивно измените во Уставот би биле ништовни.

– Амандманите на Уставот ќе стапат во сила сама ако договорот биде ратификуван во Грција, вели Османи.

Тој посочува дека решавањето на спорот со Грција и другите билатерални спорови биле предуслов за приближувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО.

– Врз основа на тој принцип во рок од една година ги разрешивме сите билатерални спорови бидејќи станавме свесни дека никој нема да не прими во ЕУ со отворени прашања со Бугарија, како и со Грција, истакнува вицепремиерот во интервјуто.

Без европска и НАТО перспектива, додава тој, никогаш немаше да пристапиме кон решавање на грчко-македонскиот спор и потенцира дека ЕУ мора да ги почитува залагањата и да го награди она што е сработено.

Османи смета дека тој принцип треба да го следат и Белград и Приштина и да направат приближување од сегашната статус кво позиција, без поставување црвени линии.

– Статус кво не е решение. Регионот мора да оди напред. По затворањето на грчко-македонскиот спор, на сцена е спорот меѓу Белград и Приштина. Двете страни треба да седнат и без табуа да се обидат да најдат формула, како што најдоа властите во Атина и Скопје, вели вицепремиерот Бујар Османи во интервју за српската новинска агенција Танјуг.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...