Османи: Компромисот за ЈО е продолжување на предметите од СЈО

158

Законот за јавно обвинителство не е формален, пишан услов за отпочнување на преговори, меѓутоа е посакуван исход од земјите-членки на ЕУ за да донесат позитивна одлука. Црвени линии во постигнување компромис за законот со опозицијата е продолжување на предметите од СЈО, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

– За ДУИ е важно да го донесеме законот. Иако законот не е формален, пишан услов за отпочнување на преговори, меѓутоа е длабоко врежан во перцепцијата на земјите-членки и е посакауван исход за да донесат позитивна одлука. И нам ни е многу важно тој закон да го донесеме со консензус заедно со опозицијата, бидејќи тука би испратиле и друга симболична порака дека кога се работи за борба против корупција на високо ниво, односно т.н. политичка корупција ние сме едногласни во тој дел. Би биле конструктивни доколку опозицијата учествува во донесување на законот, се разбира, запазувајќи ги некои основни прнципи, односно црвени линии кои ги имаме, а тоа е работата на СЈО да мора да продолжи. Не зборувам за СЈО како институција туку она што го имаат започнато како индиции, како предмети не смее на политички начин да се запира, бидејќи даваме лоша порака и пред граѓаните и пред земјите членки на ЕУ. Доколку ги запазиме овие принципи дека тоа што е преземено од СЈО ОЈО ќе го продолжи, тогаш мислам дека за форматот на институциите треба да постигнеме  компромис со опозицијата – рече Османи на новинарско прашање по посетата на Државниот завод за ревизија за тоа дали би ги прифатиле забелешките на ВМРО-ДПМНЕ на законот.

Коментирајќи ја изјавата што ја дал дека недонесувањето одлука на 26 март од ЕУ ќе значи мешање во изборниот процес, Османи рече дека доколку има позитивна одлука тогаш сите политички партии ќе имаат бенефит од тоа, бидејќи, вели, секоја на свој начин придонела за ние да стигнеме до одлука за преговори.

– Меѓутоа недонесувањето на одлуката значи на некој начин мешање во изборниот процес бидејќи ЕУ нема да го исполни својот дел од договорот, а тоа е дека доколку ние испорачаме и ЕУ ќе испорача. Врз основа на овој договор ние ги направивме сите реформски зафати, меѓутоа ги затворивме и големите политички прашања. Договорот со ЕУ е и во основа на успехот на затворање на овие прашања и доколку едната страна не го исполни својот дел од договорот тоа значи дека влијае во наративот кој што ќе се создаде во државата после таа неодлука – рече Османи.

Според него, поинаква смисла ќе има една одлука во март, бидејќи ќе биде дел од наративот кој што, вели, го создадовме во овој период – ако испорачате вие ќе испорачаме и ние, додека одлука во јуни има сосема поинаков карактер, односно е повеќе бирократска одлука за тоа дали сте исполниле одредени критериуми, но не е дел од наративот кој што го создадовме во овој момент.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...