Османи: Законот за јазици нема да се ревидира

Венецијанската комисија на 6. овој месец ги повик властите во земјава да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни.

489

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска изјави дека Законот за јазици нема да се ревидира и оти препораките на Венецијанската комисија се однесуваат на недостигот на капацитети во институциите за негова целосна имплементација.

– Основната идеја на препораките на Венецијанската комисија е недостатигот од капацитети во институциите за целосна имплементација на сите одредби на Законот да не влијае врз другите процеси, на пример во судството, да не влијае во одложување на судските процеси – рече Османи.

Според него, не смее да се дозволи Законот за јазици да ризикува некој друг важен процес во државата, особено правната држава.

– И затоа одлуката е дека Законот нема да се ревидира, нема таква препорака од Европската комисија, туку преку акциски планови, преку работните групи треба во оваа транзиторна фаза додека законот не влегува во сила, а тоа е една година после негово донесување, да се подготват овие капацитети со цел да нема влијание врз другите процеси – рече Османи.

Посочи дека ќе продолжи работата во создавање капацитети, но оти изборниот процес ќе предизвика ограничување во тој процес.

– Меѓутоа, очекуваме разбирање од сите дека сепак ова е револуција во употребата на јазикот во институциите, и затоа барам разбирање од сите се додека не се создадат сите капацитети за да се имплементира. Кога ќе почне неговото целосно имплементирање, сите ќе видиме дека всушност само придонело до зближување меѓу луѓето и до зближување до заедниците – оцени вицепремиерот.

Венецијанската комисија на 6. овој месец ги повик властите во земјава да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни. Комисијата оценува дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостаток на превод и толкување во текот на постапката.

Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...