Османи: ЕУ Самитот во октомври е историски момент кој ќе ја одреди иднината на прошиувањето

119

Дилемите на Франција за проширување на ЕУ не се однесуваат на Република Северна Македонија, тие очигледно ги препознаваат и признаваат успесите и на политички план и во делот на реформите со сите очекувања да се направи повеќе, истакна вечерва вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи на дебата на телевизија Телма.

Според него, дилемите на Франција се повеќе во однос на потребата од продлабочување на Европската унија како процес кој што го следи проширувањето.

– Очекувам дека Франција ќе предложи нова методологија на преговори и на функционирање на ЕУ затоа што ние како земја кандидат, која ќе преговара, ќе се адаптира – рече Османи на дебатата со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски.

Вицепремиерот потенцира дека има впечаток, од последната средбата со министерката за Европа на Франција Натали Лоазо, дека Париз ја разбира важноста на одлуката во октомври.

– Самитот во октомври не е обичен самит на кој се носи некаква обична одлука, туку историски момент кој ќе ја одреди иднината на прошиувањето на регионот – нагласи Османи.

Тој е уверен дека земјава ќе ги почне преговорите и дека во декември или најдоцна во  март ќе се одржи меѓуресорската конференција.

Николовски не е сигурен дека ваква средба ќе има во периодот кој го наведе вицепремиерот Османи. Почетокот на преговорите, вели тој, е многу важно кога ќе биде, бидејќи секогаш со сите држави било во истата година кога Советот носел одлука.

– Она што ние го имаме како информација е дека ниту во декември ниту во март ќе биде, туку ќе треба да се чека следниот извештај затоа што ќе има предуслови кои не може Македонија да ги заврши во тој период. Затоа во најдобар случај ќе има датум за датум, односно ќе има предуслови кои Владата ќе треба да ги реализира и дури потоа би почнале преговори. Мислам дека оваа Влада на Заев нема капацитет тоа да го направи – рече Николовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...