Османи до партиите: Најдете компромис, донесете го законот за јавно обвинителство

84

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска ги повика политичките партии да ги надминат, како што кажа, теснопартиските и политички позиции што се однесува до законот за јавно обвинителство, да се изнајде компромис и пред се симболички да испратиме порака дека сме подготвени да соработуваме во борбата со корупција од високо ниво. Османи, потсети дека законот не е условен од Европскиот совет или Комисијата, но дека е важно за одредени земји-членки на Унијата, како Холандија и Франција.

– Независно што на сите ни е јасно дека прашањата што требаше да се регулираат со законот за јавно обвинителство се веќе регулирани со фактот што јавното обвинителство ја продолжи работата на специјалното јавно обвинителство таму каде што тоа застана со превземање на предметите, превземање на архивата, превземање на вработените, но сепак потребата за донесување на двотретински закон за борба против корупција на високо ниво има и симболично значење бидејќи покажува и посветеност и консензуалност на сите партии, целиот спектар на политички партии во државата да се вклучат во борба против корупција на високо ниво – рече Османи одговарајќи на новинарско прашање по средбата со членовите на Државната изборна комисија (ДИК).

Вицепремиерот нагласи дека тоа прашање е фиксирано во перцепцијата на одредени земји – членки како предуслов за воспоставување правна држава и оти оттука е многу важно да не оставиме простор за дебати во земјите – членки дали сме способни да донесеме закон што се однесува на борбата против корупцијата од високо ниво.

– Тоа е посебно важно за Холандија и посебно важно за Франција. Затоа ги повикувам политичките партии да ги надминат теснопартиските и политички позиции што се однесува до овој закон и да најдеме средина и да најдеме компромис за да пратиме пред се симболички како порака дека ние сме спремни да соработуваме независно од нашите партиски разлики кога се однесува до борбата со корупцијата од високо ниво. Пак ќе кажам имајќи предвид дека сите прашања се суштински решени, но ние мора да седнеме и да најдеме решение пред распуштање на Собранието да најдеме компромисно решение – рече Османи.

Законот за јавно обвинителство, повтори тој, не е формален бенчмарк.

-Не е пишан во ниту еден документ во советите на Европската Унија дека ние имаме нешто дополнително затоа што имавме безусловна препорака од Комисијата, затоа имавме прифатена безусловна препорака од Советот само што немавме одлука за започнување на преговори. Советот не рече имате уште еден бенчмарк, но индивидуално земјите – членки, одредени земји членки сметаат дека овој закон е важен предуслов за воспоставување на правна држава – рече вицепремиерот.

Според него, носењето на овој закон би било покажување знак на зрелост дека независно од партиските разлики што ги имаме, кога се однесува за борбата против корупција од високо ниво ги надминуваме партиските разлики.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...