Доаѓам со добри вести од Република Македонија. Онака како што ветивме пред девет месеци, навреме испорачавме реформи во соодветниот период за Извештајот на Комисијата позитивно да го оцени нашиот напредок, и соопштил вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи на високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и Потпретседателката на Европската Комисија, Федерика Могерини, на средбата во Брисел.
На средбата, Османи го презентираше напредокот во имплементацијата на Планот 3-6-9, како и напредокот во отстранувањето на останатите политички пречки на евроинтегративниот пат на Република Македонија.
– Делот три од Планот 3-6-9 го крунисавме со одржување на фер, слободни и кредибилни избори уште во ноември минатата година, што беше потврдено во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, чии заклучоци беа повторени и од страна на Делегацијата на Европската Унија во Македонија – истакна Османи.
Тој додаде дека во изминатиов период Владата изготвила бројни стратегии и суштински реформски закони, кои во транспарентна и инклузивна постапка, со вклучување на мислењата од опозицијата, граѓанскиот сектори и јавноста, во најголем дел се донесени во Собранието на Република Македонија.
– И во овој момент, во овие последни денови, додека го одржуваме овој состанок, во Собранието се носат и последните реформски закони за кои е потребна поддршка од две третини од пратениците и за кои во последен момент се обезбеди консензус за нивно изгласување со опозицијата – истакна Османи.
Во делот на отстранувањето на политичките пречки, Османи посочи и на донесувањето на Законот за јазиците, како фундаментален но и последен сегмент од легислативниот дел од Рамковниот договор, изразувајќи притоа надеж дека имплементацијата на закон на дело ќе ја демонстрира неговата обединувачка сила во насока на изградба на цврсто, стабилно и просперитетно мултикултурно општество во Република Македонија.
– Остваривме историски напредок и во односите со соседите. Го потпишавме, а потоа и ратификувавме во Парламентот, историскиот Договор за добрососедство со Бугарија, а остваривме и исклучително значаен напредок во комуникацијата со Грција – истакна Османи, додавајќи дека во периодот што претстои, очекува решение и за долгогодишниот спор со Грција, со што ќе се отстранат сите пречки на евроинтегративниот пат на Република Македонија.
Средбата Османи – Могерини се одржува во пресрет на излегувањето на Извештајот на Европската Комисија за состојбите и напредокот на Македонија, кој излегува за неполна седмица на 17 април.