Османи: Гледам светло отсега па натаму и за државата и за граѓаните ВИДЕО

316

Денеска е историски ден. Ден што го очекувавме целата моја генерација и генерациите пред мене. Денеска затвораме едно поглавје од општествениот, државниот развој на РМ. Ние почнуваме ново и апсолутно и процесот веќе станува неповратен и за НАТО и за ЕУ. Тоа се комплементарни потези каде што условите се речиси исти за членството, порача преку видео порака вицепремиерот  за евроинтеграции Бујар Османи од седиштето на НАТО во Брисел.

Тој додаде дека е направено многу во овој период и во делот на реформите, како План 3-6-9, и во делот на решавање на сензитивните политички прашања, така што, оценува, денеска се отвора иднината за РМ и во делот на НАТО и во делот на ЕУ, меѓутоа особено за перспективите што овие две организации ги нудат во смисла на стабилност, во смисла на сигурност, во смисла на странски инвестиции, во смисла на нови работни места, на подобар животен стандард, за останување на младите овде, за поквалитетно образование, за поквалитетно здравство.

– Не претерувам ако кажам дека денеска се дели историјата на Македонија на тоа досега и отсега, па натаму. Гледам светло отсега па натаму и за државата и за граѓаните – истакнува Османи.

Тој појасни дека рамката за реформи е поставена уште со Планот 3-6-9, кога се утврдени приоритетите, донесени се стратегиите, подготвени се акциските планови со временски календар за усвојување на тие и оти сега почнува имплементација на тој процес.

– Нормално, истакнува, ќе претходи скрин. Скрин значи утврдување што се одредниците што треба да ги постигнеме и до каде сме ние во моментов за да го процениме просторот што треба да го исполниме со реформи и мерки. Откако ќе го констатираме прецизно тој простор што треба да се имплементира и исполни веќе почнуваме со процес на имплементација. Така што ќе биде сега еден динамичен период, многу работа, многу луѓе ќе треба да бидат многу ангажирани.

Според Османи ова не е процес што е ексклузивна обврска на Владата.

– Веќе, вели во видео пораката, од денеска сите граѓани ќе треба да се мобилизираат. Веќе таа енергија ќе ги мобилизира сама по себе и граѓаните, сите општествени слоеви за да се стават во функција на иднината што од денеска веќе ја гледаме и ја создаваме.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...