Новите вработувања во владиниот Секретаријат за европски прашања (СЕП), за кои е објавен оглас, се кадровско екипирање за преговорите за членство во Европската унија, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
– СЕП е носечкиот столб на преговарачката структура. Очекувајќи дека во јуни годинава ќе добиеме потврда за датумот за преговори и оти во текот на годинава ќе ги започнеме преговорите, пред се, билатералниот скрининг, па и преговорите, ако има институција која треба да се подготви кадровски тоа е СЕП – рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за стартот на проектот Скопје-Блаце.
Во огласените вработувања во Министерството за транспорт и врски, пак, според ресорниот министер Горан Сугарески, има десет унапредувања, но не се нови работни места. Има и нови, но за пополнување на испразнетите позиции по основ на пензионирање, како и за потребата од кадри како што се урбанисти.
И во ЈП за државни патишта, како што рече директорт Зоран Китанов, огласите не се однесуваат за нови вработувања, туку обнова на постоечките на кои им истекува договорот.
– Не се работи за никакво трупање на администрацијата, туку за патарините и за контролниот пункт кај Неготино и екстра правната служба заради затекнатите проблеми со експропријацијата на што работеа само двајца – рече Китанов.
Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека со тековните огласи за вработување во повеќе институции се пополнуваат само неопходните работни места.