Османи во „Само вистина“: Отворени сите опции, референдум, предвремени избори или двотретинско мнозинство за Договорот со Грција

1647

Со ознаката на државјанството како Македонско – Граѓанин на Република Северна Македонија, покрај зачуваниот етнички идентитет имаме и зацврстен државен идентитет. Таа ознака е инклузивно за сите етнички заедници бидејќи и Албанците и другите националности, сите се државјани на Македонија, рече вицепремиерот за европски прашања и шеф на преговарачкиот тим со ЕУ Бујар Османи во денешната „Само вистина“ на Канал 5.

Тој истакна дека уште се отворени трите опции – референдум, предвремени избори или двотретинско мнозинство во однос на Договорот со Грција.

– ДУИ во принцип беше и против референдум и е против предвремени парламентарни избори за Договорот со Грција, бидејќи сметаме дека референдумот не ја одразува реално волјата на граѓаните и остава простор за притисоци и влијанија. Најдобро е ако Договорот се усвои со консензус или барем со двотретинско мнозинство – рече Османи и додаде дека тоа би се обезбедило така што пратениците би гласале по сопствено убедување откако ќе направат добра анализа на предностите од овој акт.

Османи зборуваше и за денешната лидерска средба.

– Ова се историски мигови за државата, за нацијата. Нема простор за ексклузивност. Оваа лидерска средба е посебна, не менаџираме криза, разговараме за историската можност и за обврската да ја внесеме Македонија во фамилија што гарантира стабилност и просперитет. Очекувам опозицијата да го сфати историскиот момент и да соработува. Не е ова прашање на политички поени, не е прашање кој ќе биде на власт туку каде ќе биде државата во наредните години. Секој ќе мора да го изоди својот дел од патот, да направи отстапки. Партиските интереси не се важни и сè треба да се подреди на овој историски момент и да не се пропушти шансата – рече тој.

Османи го искоментира и непотпишувањето на Законот за јазиците од страна на претседателот Ѓорге Иванов.

– Со непотпишувањето на Законот за јазици од претседателот се поставува прашањето каков систем имаме – претседателски или парламентарен? Не може кој како сака да го менува системот без Уставни промени, и тоа е поголем проблем отколку разликите во ставовите околу законот – рече тој.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...