Османи во Брисел ќе го презентира Планот 18

156

Мерките предвидени во новиот реформски План 18, ќе ги презентира вицепремиерот за европски интеграции Бујар Османи на средбите што ќе ги има со високи претставници на Европската унија и Европската Комисија, кој од утре ќе престојува во дводневна работна посета на Брисел.

На средбите, како што соопштија од неговиот кабинет, ќе бидат отворени и сите останати теми поврзани со европските интеграции на земјава, а во насока на очекувањата од претстојните Самити на Европската Унија кон крајот на месецов.

Во рамки на посетата Османи ќе се сретне со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини, со Димитрис Аврамопулос, комесар за миграција и внатрешни работи, како и со Кристијан Даниелсон, генерален директор во Директоратот за Европска соседска политика и преговори за проширување.

Во рамките на посетата на Брисел, вицепремиерот Османи заедно со министерот за економија Крешник Бектеши ќе се сретнат и со комесарката за трговија, Сесилија Малстром, со која тема на разговор ќе бидат трговските односи меѓу Република Македонија и Европската Унија, особено предизвиците кои произлегуваат од влошувањето на односите во делот на трговијата со челик меѓу Европската Унија и САД.

Вицепремиерот Османи за време на работната посета на Брисел исто така ќе одржи брифинг со претставниците на земјите членки на Европската Унија во работната група КОВЕБ, а на маргините на посетата ќе има и свое обраќање за европските интеграции на Македонија пред дипломатските претставници, како и претставниците на граѓанскиот сектор во Брисел, во организација на фондацијата „Ханс Зајдл“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...