Привилегија ми е да бидам првиот патник на возобновената линија меѓу Атина и Скопје која на најдобар можен начин го означува затоплувањето на односите на овие две соседни држави на ниво на стратешко партнерство. Ова ќе овозможи практична корист меѓу луѓето, меѓутоа и во подобрувњато на бизнисот и конекциите, што е главна цел на сите овие политики на затоплување на односите што ги правиме, истакна вечерва вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, по првиот лет на обновената линија Скопје-Атина.
На Скопскиот аеродром денеска, по пауза од над 10 години, повторно слета авион од Атина во Скопје.
На новинарското прашање на што се заснова неговиот оптимизам во однос на договорот со Грција, тој одговори дека се заснова на фактот што за првото гласање биле потребни 10 дена, а како што кажа, ние искористивме пет дена. Врз основа на тоа, посочи Османи, и правење на некаква калкулација за можна оптимистичка варијанта доколку не се искористат сите денови кои се пропишани како максимални, претпоставката и оптимистичката варијанта е дека е можно да се заокружи процесот до Нова година.
– Ние влегуваме во нормални води на имплементација на договорот и очекуваме дека поддршката ќе биде уште поголема, бидејќи менталната бариера во однос на овој договор е прекршена и се повеќе граѓаните масовно го прифаќаат самиот договор и самото решение – потенцираше Османи.
На новинарското прашање дали имало разговори во однос на тоа каква е состојбата во Грција, Османи истакна дека неговиот впечаток е дека процесот воопшто не е загрозен во Грција.
– Воспоставување на авиолиниите е сериозен доказ колку Владата на Република Македонија е сериозно посветена на развојот на авиосообраќајот – истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Тој наведе дека воспоставувањето на линијата Скопје-Атина ќе биде од исклучително огромно значење и за бизнис секторот, се разбира и за македонските и за грчките граѓани.
– Би сакал да потенцирам дека ако ги споредуваме податоците во зголемувањето на приливот на патници ќе видиме дека имаме зголемување од 18 проценти од минатата година – нагласи Сугарески.
Директорот за земски операции во „Ејџијан Ерлајнс“, Панос Николаидис изјави дека му е огромна чест што повторно е воспоставен летот Атина-Скопје од страна на компанијата.
– Верувам дека овој директен лет што го воспоставуваме ќе ја опслужува не само бизнис заедницата во Грција, тука и грчката заедница што живее во Скопје. Освен тоа верувам дека ќе предонесе за тоа да се продлабочат и прошират трговските можности, како и туризмот, а и културната размена помеѓу нашите две земји. Освен тоа верувам дека ова ќе доведе до проширување на соработката меѓу двете земји и дека ќе отвори нови можности – потенцираше Николаидис.