Сите новинари, уапсени во текот на неделата во големата акција на полицијата против независните медиуми во Белорусија, денеска се ослободени.
Белоруските власти покренаа истрага против одредени медиуми под обвинение дека користеле содржини од државната новинска агенција БЕЛТА без да бидат претплатници, при што беше извршен претрес во неколку редакции и беа уапсени вкупно 13 новинари.
– Главна цел на шефовите на службите за безбедност е да ги заплашат луѓето и да ја засилат автоцензурата, за целосно да ги контролираат медиумите – изјави политичкиот аналитичар на порталот „БелаПан“, Александар Касковски.
Во согласност со белоруските закони, ако новинарите бидат прогласени за виновни би можеле да бидат осудени до две години затвор и на привремена забрана за занимавање со новинарство.
Претходно, Советот на Европа апелираше за брза и транспарентна истрага и за ослободување на притворените новинари.
Портпаролот на белоруското Министерство за надворешни работи Анатолиј Глаз во средата изјави дека приведувањето на новинарите не е поврзано со политика или со слобода на медиумите.
Медиумите во Белорусија се под постојана контрола на власта, посебно по демонстрациите во март 2017 година, кога стотици луѓе беа уапсени.