Оскар за човештина

2246

Човек треба да е „од мајка роден“ за да умее да се откаже од целото и да биде задоволен само со половината.

Да бидеме искрени, тоа не го може секој. Ама го може Атиџе Муратова од село Бекирлија!

Животната филозофија на таа вредна женичка и нејзиниот однос кон пчелите буквално нѐ тресна од земја сите нас кои постојано и многупати неоправдано се жалиме за тешкотиите во животот. Им удри шлаканица на сите разгалени ќерки и синови на кои крајот не им се наоѓа и кои секојдневно им ги „вадат душите“ на своите родители. Им ги затвори устите на сите распекмезени дечиња кои никогаш не го делат чоколадото со другарите.

Атиџе Муратова, сакале ние да признаеме или не, направи да се засрамиме за сите пари!

Не знам дали некогаш воопшто ќе дознаевме дека постои оваа скромна пчеларка ако не се снимеше документарецот, денес сериозен кандидат за два „Оскара“, „Медена земја“, но едно знам – Љубомир Стефанов и Тамара Котевска му направија една огромна услуга на човештвото. Ја открија Атиџе и несебично му ја подарија на светот небаре е учебник по човештина.

И, не знам што ќе се случи во февруари кога конечно ќе бидат соопштени добитниците на филмските награди, ама едно е сигурно – Македонија го доби својот оскаровец уште од денот кога беше најавено дека ќе се снима документарец за последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...