Осиромашениот ураниум не предизвикува рак, тврди радиолог

Радиологот Александар Ивковиќ тврди: Не е точно дека осиромашениот ураниум предизвикува рак, зошто некој постојано инсистира на тоа дека сме преозрачени?

984

Радиолог тврди: Не е точно дека осиромашениот ураниум предизвикува рак, зошто некој постојано инсистира на тоа дека сме преозрачени?

– Тие гаѓаа и рафинерии. Тие гаѓаа и фабрики со ракетно гориво. Гаѓаа и многу други објекти каде што имаше многу канцерогени материјали. Тужете ги за тоа. Тужете ги за колатерална штета. За мостови, возови, болници, пазари … има многу материјал – пишува радиологот Александар Ивковиќ.

Радиологот Александар Ивковиќ од Ниш на блогот „Луѓе и други лаги“ пишува во написот „Ураниум збогатен со заблуди“ за тоа дали има штетни ефекти од осиромашениот ураниум за здравјето. Неговиот текст го пренесуваме во целост.

Дали сум квалификуван да зборувам за радиоактивни елементи?

Прашање кое ќе го постави секој кој го чита овој текст. Јас сум радиолог, не сум нуклеарен физичар, сигурно физичар подобро од мене ќе ги знае физичките аспекти. Радиолог сум, не сум хемичар, сигурно хемичар подобро од мене ќе ги знае хемиските аспекти. Тоа е неспорно. Јас сум радиолог, цел живот внимавам да не станам жртва на зрачењето, затоа никакво дополнително зрачење не ми е потребно.

Науката е склона на оспорување од многумина. Особено ја оспоруваат тие кои мислат дека треба да имаат мислење за сè. Науката не трпи мислења. Науката е ладна, политички необоена. Науката не препознава покачен тон како аргумент. Науката не признава псевдофилозофски дебати како факти. За науката не се размислува во муабет со кафенце или со ракиичка. Науката има тенденција многумина да ја оспоруваат, ама науката е секогаш во право.

Радиоактивност

Споменувањето на радиоактивноста создава чувство на страв кај обичните луѓе. Објективно гледано, што знаат обичните луѓе за неа? Атомска бомба паднала во Јапонија. Вечен страв од нуклеарна војна. Ако некој сака да уплаши широки маси само ќе даде снимка од печурка по атомска експлозија.

Радиоактивноста не може да се види. Зрачењето предизвикува рак, предизвикува леукемија. Страв, страв, страв, и повторно дополнителен страв. Радиоактивност = страв.

Важно да имате мислење и став. Помалку е важно дали тоа мислење и став се засноваат на факти. Зошто некој би се заморувал да размислува за радиоактивните елементи, колку ги има и кои се тие. А камо ли за изотопите. Потоа доаѓаме до алфа, бета, гама распаѓањето и до икс-зраците. Доаѓаме и до делувањето на ќелиите, ефектите на организмите и сето тоа кога ќе се заплете со органогенезата, карциногенезата, мутацијата … Ставовите и мислењата не се доволни, потребно е знаење.

Некому осиромашениот ураниум му паднал на ум, а нам ни падна на нашите глави. За време на бомбардирањето во 1999 користена е муниција со осиромашен ураниум (според официјалните податоци – јас немам други) во Косово и Метохија. Извршени се 112 напади врз 96 цели со просек од 240 куршуми по напад, а секој од нив имал по 300 грама осиромашен ураниум. Во остатокот од Србија се користел само на границата со Косово и тоа во 10 напади. Ова се податоците. Сѐ што е најдено неексплодирано е однесено во Винча.

Што е Ураниум и каде го има

А што е ураниумот воопшто? Расте на дрво? Се произведува во лаборатории? Не, тој е составен дел на земјата. Сигурно го има многу малку? Не, го има многу, тој е еден од 20-те најраспространети елементи. Главната маана му е тоа што е радиоактивен, а времето на полураспаѓање му е ужасно долг. Се распаѓа со алфа честички, а алфа честичките не можат да поминат ниту преку обична хартија.

Ураниумот се наоѓа во обвивката на Земјата. Најзаслужен е за загревањето на Земјината кора и со тоа обезбедил да се формира животот во оваа форма на Земјата. Времето на полураспаѓаето му е идентично со староста на Земјата. Ураниумот го има во неколку форми, односно изотопи U238, U235 и U234. Високо збогатениот се користи како нуклеарно оружје, а збогатениот како гориво во нуклеарните реактори.

Во Србија има најмногу ураниум во почвата на територијата од Белград до Ужице, односно од Свилајнац до Лозница, но количините не се големи. Многу повеќе ураниум има во Македонија, Словенија и на Јадранот.

Осиромашен ураниум (ОУ)

Што е тогаш Осиромашен Ураниум? Поправилно е да се каже Потрошен Ураниум бидејќи тоа е она што останува како отпад од нуклеарните реактори, Зошто се користи токму тој? Воената индустрија се развива во две насоки, едната е правење што посовршени оклопи, а другата што посовршени начини за пробивање на тие оклопи. Осиромашениот ураниум (ОУ) не е прв на листата, тој е втор и како заштита и како пробивач (прв е волфрамот, тунгстенот), а се користи поради тоа што е речиси бесплатен (отпад).

Кога зрно со ОУ конечно ќе го пробие оклопот, а тоа се случува дури по неколку погодоци, во затворениот простор на тенкот се случува пекол. Сиот ураниум се распрснува во фини честички во форма на магла. На ова треба да го додадеме експлозивното полнење кое како што кажува името експлодира. Можеби некој и преживува, не знам, не верувам. Тоа е првиот ефект. Смрт.

Ако некој преживее ќе има многу тешки оштетувања на бубрезите со речиси сигурна дијализа во наредните недели. Ќе има проблеми со белите дробови, но и со мозокот. Ништо од ова сигурно не е добро. Бубрезите ќе почнат да се опоравуваат по 15 дена, белите дробови по 21, мозокот обично по 28. Лицето нема да добие ниту една форма на малигно заболување, барем не предизвикано од ОУ. Едноставно, нема канцерогено дејство.

Ако некој шрапнел со ОУ остане во телото ќе има постојани проблеми со бубрезите. Дали ќе добие некој вид на канцер? Не, не поради осиромашниот ураниум.

Дали некој во Војводина ќе добие рак или леукемија поради осиромашниот ураниум во Косово? Како? Нема потреба да кажам дека не може, туку само прашувам како? Тој кој тврди дека може само нека го објасни механизмот, одржлив, без телепортација, и би молел … без зрачење. Фактот дека времето на полураспаѓањето е ужасно долго значи дека приближно на секои 5 до 6 илјади години се ослободува по една алфа-честичка.

Каде има осиромашен ураниум?

Дали овој осиромашен ураниум се користи на друго место освен во муницијата? Е, тука ги чекам големите познавачи. Контејнерите за пренос на радиоактивен материјал се обложуваат со него за заштита од зрачење. Рендген апаратите се обложувааат со него како заштита од радијација. Го има во вештачките заби, тој е составен дел на порцеланот. Во големите цивилни авиони го има помеѓу 150 и 500 килограми. Го има во вештачко ѓубриво.

Осиромашениот ураниум го има во водата што ја пиеме, нормално го има, не додадено вештачки. Го има во воздухот. Него го има во земјата, го има во храната. Конечно, го има во нашето тело како составен дел од телото.

Армијата на САД има посебна служба која се грижи за жртвите од ОУ. Американците имаа најмногу проблеми бидејќи во воените судири погодуваа свои војници, friendly fire. Цела служба се грижи за ефектите врз нивните војници. Проблемите со бубрезите се најчести, малигни заболувања не. Воената база Бондстил се наоѓа во област што е најмногу погодена со ОУ.

Осум италијански војници се разболеле од рак, а биле во контакт со ОУ, звучи многу, но тоа е 8 од 55.000 војници, а во италијанската војска има појава на 20 карциноми на 100.000 војници, што значи дека не е зголемен процентот на заболени.

На Косово е фрлено 9 тони осиромашен ураниум, на Ирак 54, а во Сирија досега 118 тони (од Велика Британија и САД, не е познато колку користела Русија). Повеќето за време на Заливската војна во 1990, кога беа фрлени 300 тони. Во моментов има 150.000 тони складиран ОУ во светот (руските податоци не се познати). Како дел од вештачките ѓубрива на земјата се фрла 50 до 150 тони само во САД.

Тоа е најважното нешто за физичкото делување, пред сè за зрачењето.

Радиоактивноста е практично занемарлива поради долгото време на полураспаѓањето. ОУ се користи токму како заштита од радијација. Мавтање со бројки, односно колкав е радиоактивниот потенцијал е или незнаење или злонамерност бидејќи не се работи за зрачење во овој момент, туку во следните 4,5 милијарди години. Едноставно, поделете го радиоактивниот потенцијал со 4,5 милијарди, па со 12, потоа со 30, па со 24, и ќе ја добиете вредноста на зрачењето во еден час.

ОУ може да се внесе на три начини, со вдишување, со голтање и контакт преку кожата. Во текот на денот нормално се вдишува 0,5 μg на килограм телесна тежина, а се толерира до 5 μg на килограм телесна тежина. Повеќе од 95 отсто нема да се апсорбира. 4.8 отсто ќе бидат исфрлени по редовен пат, а 0.2 отсто ќе влезе во крвотокот.

Да ги оставиме заморните бројки, суштината е дека за да дојде до оштетување треба лицето да биде изложено на вдишување на ОУ во високи концентрации повеќе од 5 години или за време од 5 години во високи дози да го внесува преку храна или вода. Такви концентрации не биле забележани никогаш за период подолг од неколку часа. Најголеми регистрирани концентрации се во случај на паѓање на големи авиони ако дојде до пожар, на самото место на падот.

Зошто сето ова?

Тогаш зошто некој постојано инсистира дека ние сме преозрачени со ураниум и дека е зголемена смртност поради тоа? Освен евентуалните грешки (математички) или незнаењето или погрешното толкување на податоците, на ум ми доаѓаат само политичките причини и тука ќе се вратиме на почетокот – науката не трпи политика.

Знам дека има луѓе кои не мислат дека бомбардирањето било злостор. Секое бомбардирање, секој што го извршил е злосторство, нема оправдување. Без разлика дали е користен ОУ или било што друго, сосема е неважно. Токму од таа причина инсистирањето дека е злостор само затоа што е користен ОУ дава имунитет на оние кои го користеле.

Тие гаѓаа и рафинерии. Тие гаѓаа и фабрики со ракетно гориво. Гаѓаа и многу други објекти каде што имаше многу канцерогени материјали. Тужете ги за тоа. Тужете ги за колатерална штета. За мостови, возови, болници, пазари … има многу материјал.

Не е точно дека нема истражувања за ОУ. Не е точно дека радиоактивноста не се мери. Не е точно дека ОУ предизвикува рак. Не е точно дека некој ја крие штетноста на ОУ. Не е точно дека осиромашениот ураниум ќе предизвика епидемија на рак или леукемија на стотици киломтери подалеку.

Ако толку сакате да тужите некого зошто не ги тужите производителите на цигари. Во цигарите има радиоактивен Полониум кој е докажано канцероген. Зошто не ги тужите оние кои произведуваат храна со многу сомнително потекло. Оние кои растопената пластика ја продаваат како храна. Оние кои не понижуваат со ставање сосема различни компоненти во производите за нашиот пазар, дури и во пивото.

Тужете ги тие кои сметаат дека се доволни 20.000 динари месечно за да преживее едно семејство и со тоа се фалат. Тужете ги тие кои ќе направат апсолутно сѐ за да ве заглупат, а нема да направат нешто да ве едуцираат. Тужете ги тие кои ве бомбрдираат со лаги. Тужете ги тие кои не знаат да ја завршат својата работа. Тужете ги тие што земаат пари со лаги. Тужете ги тие кои ве лечат со петролеј, сода бикарбона, биоенергија, хомеопатијата, со вар, урина, списокот е долг.

Тужете се и самите себе за секој пат кога сте премолчале и сте рекле: „Ќути, добро е“. Па, не е. Живееме во време кога цути тоталната глупост. Тоа е канцер. Тоа е епидемија. Сакате да бидете поздрави? Прочитајте го ова некому надвор, кажете му на некој колку е убав денот. Во живо, очи во очи, а не виртуелно. Кукањето над судбината е само страв и мрзеливост. Ве лажат дека некој друг управува со вашиот живот …

Non nocere

А јас ќе продолжам да пишувам за сите кои ви ги земаат парите и здравјето. Без разлика дали станува збор за мали или големи измамници чии лаги потешко се откриваат. Без разлика дали тоа се тие кои умислиле дека знаат сè само затоа што можат да влезат во Google.

Сепак, најмногу сум лут на тие кои знаат, умеат и можат, а молчат. Лут сум на тие кои свесно не го прават она што треба за некој да нема страв.

Постулатот на медицината е – Немој да наштетиш, non nocerе. Кога на мајката на дете кое треба да се вакцинира не ѝ се каже вистината, вистината каква што е, се прави штета. Таа мајка нема да го вакцинира детето. Кога некој се лаже дека има рак бидејќи некој користел ураниум, се прави штета. Таквите пациенти нема да веруваат во лековите за кои слушнале дека се од истиот Запад поради кој имаат карцином.

Non nocere драги колеги, Non nocere … – го завршува текстот радиологот Александар Ивковиќ.

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...