Освен скршеници, мозочни и срцеви удари демнат од студот

Утринските излегувања од дома не смеат да бидат нагли од топло на студено, бидејќи кај возрасните крвните садови се покрути па има зголемена опасност од добивање мозочен или срцев удар - предупредува д-р Карамановски. 

402
Четворица скопјани завршиле со скршеници денеска претпладне и тоа – еден симнувајќи се од автобус, а тројцата лошо паднале чистејќи го дворот и движејќи се по пазарите. Утринскиот студ бил за малку фатален и за неколкумина граѓани кои добиле мозочен и срцев удар, кој ги задесил при излегување од топлите домови на минус 8 степени Целзиусови.
Сите со екипи на скопската Брза помош биле транспортирани до болниците и клиниките.

– Oд 7 часот изутрина па до 12 часот укажавме помош на четворица скопјани само за здобиени скршеници, па советуваме граѓаните многу да внимаваат на вакво особено  студено време и на движењето по замрзнатите улици и тротоари. Првиот совет е без  итна потреба воопшто да не се излегува надвор, а кога излегуваат граѓаните полека да се движат, народски кажано, како пингвини, а важно е рацете да се слободни и никако да не се држат во џеб! Туку рацете да се раширени при движење, па иако се изгуби рамнотежа, така се компензира за да не се падне. Може и чорапи да се носат преку обувките, за да се спречи или намали лизгањето по замрзнатите улици, на кои може да се падне и да настрада некој екстремитет и од обидот за фрлање ѓубре, што и сме го имале како случај – советува д-р Георги Карамановски, шеф на смена во Службата за итна медицинска помош во Скопје.

До вчера имаше повеќе од 50 скопјани кои се здобиле со скршеници, најчесто на екстремитетите, паѓајќи на замрзнатите улици, а дел од нив се задржани во болница или на клиниките.

Од Итна помош предупредуваат и за други сериозни опасности по здравјето од студот.
– Особено се важни утринските излегувања од дома кои не смеат да бидат нагли од топло на студено, бидејќи кај возрасните крвите садови се покрути па има зголемена опасност од добивање мозочен или срцев удар. При брзо излегување од дома на минус 10 и повеќе степени Целзиусови како што е деновиве, се стеснуваат крвните садови и може да се откачи некој тромб кој го затнува садот и се случува удар. Затоа организмот мора да се подготви за излез на студено во некоја просторија задолжително неколку минути пред да излеземе надвор на овие ниски температури – додава д-р Карамановски.
Тој напомнува граѓаните без итна потреба да не ја повикуваат Брза помош која моментално располага само со шест возила.
 – Имаме и повеќе од 150 повици на ден, а успеваме да интервенираме на околу 100. На телефонот 194 колегите даваат совети, а граѓаните може да се јават и на службата  „Ало докторе“, за нашите екипи да може да укажат итна помош на граѓаните чие здравје и живот се најзагрозени – вели д-р Карамановски.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...