Основниот суд Скопје 1 утре ќе одлучува за барањето на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, да му биде вратена патната исправа, за да може да замине во странство, со цел да му биде укажана лекарска интервенција која не се изведува во Македонија. Евентуалното неизвршување на интервенцијата може да предизвика животнозагрозувачка состојба на пациентот, категорична е одбраната.
Барањето на Мијалков не е ново, со оглед на тоа што истиот здравствен проблем постои повеќе од шест години. Тоа повторно е испратено девет месеци откако тој претходно беше одбиен, со образложение дека во документацијата што ја доставил недостасува документ со кој се потврдува дека таа интервенција не се изведува на нашите клиники. Сега и таа околност не постои, затоа што од Универзитетската клиника, со писмен документ, потврдиле дека таква интрвенција не е достапна во нашите здраствени установи.
Барањето се базира на веќе воспоставената пракса и на конвенциите за човекови права, кои се почитуваат од страна на судовите. Разликата во однос на барањето од крајот на минатата година е тоа што после девет месеци здравствениот проблем прогресирал и сега е многу посериозен, а судот има пракса според која во неколку случаи веќе даде залено светло за лекување во странство, при што лицата не го злоупотребија тоа.
Деновиве актуелна беше веста дека Игор Спасов, осуден на долгогодишна казна затвор, веќе една година не ја издржува казната поради здравствен проблем. Спасов е осуден за бруталното убиство на Мартин Нешковски, случај кој практично иницираше масовни секојдневни протести и беше една од најчуствителните теми во текот на шарената револуција. За излегувањето на Спасов од затвор немаше никакви посериозни реакции, иако станува збор за најтешко кривично дело, за кое веќе е утврдена вината на сторителот.
Од друга страна, веста дека Мијалков си го побарал пасошот од здравствени причини покрена оркестриран настап во одредени медиуми, со кој треба да се изврши притисок врз судот да ја заборави досегашната пракса, но и да се направи дефокус од актуелните скандали кои го тресат СЈО. Лажно се воспева ликот на Фатиме Фетаи и се тврди дека таа наводно нема намера да го врати пасошот, иако сите знаат дека Катица Јанева е таа што ги носи одлуките, па доколку таа одлучи пасошот да биде вратен, согласно законот за СЈО, Фетаи нема никаква моќ да изврши некакво влијание да го спречи тоа, како во неколку други случаи.
Поради здравствени причини, со согласност од СЈО, иако по неразумно одолговлекување поради кое изгуби закажан термин за лекување во странство, му беше вратен одземениот пасош на бизнисменот Цветан Панделески, кој е под истрага во предметот „Империја“. Со задоцнување, Панделески замина во странство за неопходната интервенција и потоа веднаш се врати во земјата. И бизнисменот Јордан Камчев, кому му беше одземен пасошот и потоа законски му беше вратен, беше на кус престој во странство и се врати во Македонија.
Страхувањата дека во двата случаи осомничените ќе се дадат во бегство, не се обистинија. Напротив, двајцата се на располагање на органите на прогонот. Па и самиот Мијалков, откако е надвор од Шутка, како што е сега, со ниту едно дејствие не дал повод било кој да помисли дека подготвува бегство или дека има таква намера, вели одбраната.
Затоа, логична причина и издржано образложение за одбивање на барањето на Мијалков, едноставно, нема. Хистеричниот настап на СЈО и давањето на негативно мислење само може да биде сфатено како дополнителен притисок врз оние кои не соработуваат, од типот „ако не платиш, заборави на правда и на закон“. Дополнително, тоа ќе значи дека на СЈО му треба малку глумење строгост, за да се оттргне вниманието од скандалите во кои тоне.
Сепак, најважна е одлуката на судот. Доколку не му даде на Мијалков можност да се лекува, судот ризикува да фрли сомнеж дека и тој е дел од некаква рекетарска спрега и дека Мијалков е жртва само поради тоа што некому не платил за да си го добие пасошот. Одбраната сепак е уверена дека тоа не е вистина и дека судот нема да си дозволи таква компромитација.
Преходното искуство покажа дека патната исправа, всушност, е потребна за човек да се врати во Македонија, а не за да избега. Патната исправа не ги спречи Никола Груевски, Горан Грујовски и Никола Бошкоски да избегаат од земјата. Тројцата побараа азил, првиот во Унгарија, другите двајца во Грција.
Македонија преку Интерпол трага по десетици лица кои се бараат со меѓународни потерници. Сигурно тие не чекаат во ред пред амбасадите и конзулатите, за да аплицираат за нов пасош.
Одлуката на судот в понеделник, доколку биде негативна, нема да ги направи границите помалку порозни. Само ќе се потврди дека правдата е селективна и дека можеби единствениот начин да се обезбеди одредено законско право е да се плати рекет. А сите за кои правда за овие случаи на СЈО е само и исклучително осудителна пресуда за осомничените и обвинетите, сепак треба да знаат дека дури и во таков „идеален“ случај, Кривичниот закон не предвидува казна губење на здравјето, по можност со смртни последици.
ФОТО: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI