Кого и дали ќе потфати метлата на премиерот Зоран Заев од раководните структури на ДУИ има спротивни информации во зависност од партиските крила на интегративците. Високи функционери на ДУИ за Плусинфо зборуваат за крајно спротивставени информации – од тоа дека нема што кај нив да заигра метлата бидејќи ДУИ не потфрлила на изборите, туку дека е победник, до тоа дека ќе има чистка и кај нив од министри до директори.
– Сѐ уште не сме разговарале во партијата, но ни Заев ни Али Ахмети не разговарале за евентуална реконструкција на Владата. Има одделни размислувања за кадровски промени. Задоволни сме од изборниот резултат, бидејќи ДУИ одигра одлучувачка улога на изборите и во целиот процес. ДУИ направи коренити промени, по 10 години избравме нови форуми на жените и на младите. Егзекутивата и сите нивоа на власта треба да бидат компатибилни со потезите за утрешнината. Целта на Заев се неговите функционери кои потфрлија. Најавата за метла и во ДУИ ми изгледа како дефокусирање од промашувањата на функционери од СДСМ. Ако Заев излезе со прифатлив предлог до Ахмети може ќе има некаква промена – брифира функционерот.
Друг висок функционер од ДУИ, пак, брифира дека ќе има обемна реконструкција во која се очекуваат смени и на функционери на ДУИ, од министри до директори. Во партијата веќе има обемна и сеопфатна анализа за работата на функционерите.
Според функционерот, реконструкцијата најверојатно ќе биде во почетокот на јуни, кога на сила стапува законот со кој се укина Секретаријатот за Рамковниот договор и се формира новото Министерство за политички систем. Освен смената на вицепремиерот за Рамковниот, Хазби Лика, функционерот брифира дека ќе има смени уште на еден до двајца министри. Не се очекува смена на замениците министри од ДУИ, но ќе има голема чистка кај државните секретари и директорите, особено на тие кои веќе неколку мандати се на раководни позиции во претпријатијата и во агенциите.
Функционерот не открива дали на удар на метлата се министрите за животна средина и за економија, Садула Дураку и Крешник Бектеши, но тврди дека Заев и Ахмети уште пред изборите договориле реконструкција на Владата.
Од партијата негираат дека ќе има рокада на министерствата за правда и образование, бидејќи ДУИ целосно стои зад актуелниот предлог на власта за СЈО.